Македонија
15. јуни 2022 - 19:46

Обвинение за двајца гинеколози за починато новороденче пред 3 години

Основното јавно обвинителство од Битола поднесе обвинителен предлог за двајца гинеколози од битолската болница заради смрт на новороденче. Од обвинителството велат дека гинеколозите несовесно постапувале при породување на пациентка, родилка од демирхисарското село Смилево, поради што настапила смрт на новороденчето.

Родилката била примена за породување на 12.10.2019 година околу 17:00 часот во Одделот за гинекологија и акушерство при Клиничка болница Битола, каде дежурни лекари биле обвинетите.

Тие не ја следеле и навремено не ги регистрирале промените во здравствената состојба кај родилката. Од обвинителството велат дека иако сите промени во здравствената состојба на родилката претставувале апсолутен показател дека здравјето и животот на плодот е во опасност заради недоволен доток на кислород, што пак претставува индикација за итен царски рез, обвинетите лекари не ја презеле оваа интервенција благовремено.

Поради продолженото породување и доцнењето од најмалку пет часа од појавата на индикациите за итен царски рез, интензитетот на страдањето кај плодот се зголемувал. Интервенцијата кај родилката била извршена околу 06:30 часот на 13.10.2019 година, при што се родил плод – женско дете со родилна тежина од 3.550 грама и должина од 48 сантиметри во многу лоша состојба, кое починало за кратко време по породувањето заради кислородното страдање во утробата, велат од битолското јавно обвинителство.

Обвинителен предлог е за кривично делото – Тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 став 4 во врска со член 207 став 1 и 3 од Кривичниот законик.