Македонија
9. January 2025 - 15:11

Образованието и науката во 2025 година со рекорден буџет од 38 милијарди денари, најави министерката Јаневска

Образованието и науката во 2025 година ќе се финансираат со рекорден буџет од 38 милијарди денари, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната прес-конференција. За разлика од лани, како што посочи, буџетот е зголемен за шест милијарди денари.

-Годинашниот буџет е за 6 милијарди денари поголем од првичниот во 2024. Зголемени се блок дотациите за сите општини за 1,5 милијарди денари, затоа што е најавено покачување на платите на вработените во училиштата и тоа за 7 проценти од месец март. Повисоки плати од месецов добиваат и вработените во високообразовните установи и тоа наставниот кадар за 14 отсто, а ненаставниот за 8 проценти, изјави Јаневска.

Министерката истакна дека ќе биде поддржан процесот на оптимизација на училишната мрежа, како и воведувањето на едносменска работа и продолжен престој за учениците.

-Започнуваме со анализа за адаптација на 100 училишни објекти за работа во една смена, по чие завршување ќе следи проектирање и реализација на градежни активности и за оваа намена, во преговори сме со Светска банка за обезбедување на 500 милиони денари, додаде Јаневска.

Средствата за студентски стандард се зголемуваат од 1,4 милијарди денари на 1,8 милијарди денари.

-Два дома веќе се реконструираат и ќе се завршат до крајот на годината, а целиот процес со опфат на сите домови ќе заврши во текот на мандатот на Владата, рече министерката, потенцирајќи дека во буџетот за 2025 година е предвидено зголемување на средствата за ученички стандард за 110 милиони денари.

Буџетот за науката е зголемен двојно, од сегашните 380 на 680 милиони денари.

-Развојните политики на Министерството за образование и наука се креираат во соработка со бројни домашни партнерски организации и здруженија, но и со меѓународната заедница и меѓународни партнери, на кои сум им бескрајно благодарна и очекувам поддршката да се интензивира, нагласи Јаневска.