Македонија
8. February 2017 - 13:10

Објавен тендер за ново училиште во населба Лисиче

Јавен повик за изградба на нов објект на основното училиште „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче вчера објави Министерството за образование и наука (МОН), информираше денеска заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски по сердбата со градоначалникот на општина Аеродром Ивица Конески во општината.

Ристовски појасни дека согласно процедурите, до 28 февруари МОН ќе ги прима понудите за изградбата на училиштето чија проценета вредност е 1,2 милиони евра. Според него, се очекува на почетокот на мај да започнат сите градежни активности и за една година објектот да биде пуштен во финкција.

Градоначалникот Коневски, истакна дека изградбата на нов објект на местото на ова училиште е од витално значење за основците од населбата Лисиче, кои по неколку децении ќе добијат училиште од цврста градба што ќе ги задоволи сите неопходни услови за современа и непречена настава.

Објектот ќе биде со површина од 2.840 квадратни метри, за 700 ученици, односно по 350 во една смена.

ОУ „Димитар Македонски“ е едно од првоотворените најстари училишта во Општина Аеродром и е сместено во монтажен објект подигнат во 1964 година, по земјотресот во Скопје. Денес, училиштето брои околу 600 ученици.