Балкан
8. July 2016 - 8:24

Објавен список со најголемите должници во Грција

Грчкото Министерство за финансии објави список со 13.730 должници, кои на државата и должат вкупно 83 милијарди евра, јави дописникот на МИА од Атина.

На листата има голем број банкротирани компании и поединци кои ги загубиле своите средства, па така од вкупната сума се очекува да се соберат само 15 отсто.

На врвот на листата со долг од 8,45 милијарди евра, е брокерската компанија „Акропол“, по неа е поранешниот државен авио превозник „Олимпик ерлајнс“ со долг од 1,35 милијарди евра, супермаркетот „Атлантик“должи 654,5 милиони евра, а „Хеленик дефенс системс“ (Грчки одбранбени системи) има долг од 630 милиони евра.

Делегација од 25 вработени во Министерството за финансии, предводена од заменик-министерот Трифон Алексиадис викендов ќе отпатува за Дизелдорф на семинар за подобрување на техниките за преземање остри мерки против даночното затајување и перење пари.