Објавен конкурсот за распределба на 229 милиони денари за проекти од областа на животната средина
Вкупно 229 милиони денари се на располагање за проекти од областа на животната средина за 2025 година, соопшти денеска на прес-конференција првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити по повод објавувањето на јавниот Конкурс за распределба на средства од Програмата за инвестирање во животната средина за оваа година.
Тој нагласи дека Програмата има за цел да поттикне и финансира проекти и активности што придонесуваат за заштита, унапредување и одржливо управување со животната средина – како еден од клучните фактори за здравјето и квалитетот на животот на граѓаните. Воедно, Меџити упати апел до општините, здруженијата на општините, граѓанските организации и научно-образовните институции активно да се вклучат во овој процес.
-Вкупниот износ што Министерството го распределува оваа година изнесува 229 милиони денари: од кои 100 милиони денари за изградба и техничка документација за канализациони системи и системи за пречистување на отпадни води, 100 милиони денари за изградба и надградба на водоводни системи, 10 милиони денари за образовни, истражувачки и развојни проекти и 19 милиони денари за активности за подигање на јавната свест, едукација и обуки поврзани со животната средина, рече министерот Меџити.
Процесот на избор и распределба на средствата, појасни тој, ќе се спроведува транспарентно и објективно, со јасно дефинирани критериуми. Апликациите ќе се оценуваат врз основа на повеќе параметри, вклучувајќи организациска структура, ефективност на буџетот, влијание на проектот и усогласеност со национални стратегии. Рокот за аплицирање изнесува три недели, а формуларите за аплицирање се достапни на официјалната веб-страна на Министерството и се прилагодени според типот на апликант – со цел да се олесни и поедностави процесот.
Особено охрабрување беше упатено до стартапите и технолошките компании да аплицираат со иновативни решенија за подобрување на животната средина.
-Овој Конкурс е вистинска можност за сите што имаат визија, идеи и капацитет да придонесат кон почиста и поодржлива животна средина. Апелирам до сите потенцијални апликанти – искористете ја оваа можност, повика министерот Меџити.
Резултатите од Конкурсот ќе бидат јавно објавени по завршувањето на процесот на евалуација, беше истакнато на прес-конференција.
Ново на Сител
-
Убиено едно лице при тепачка пред казино во Кавадарци
-
ДКСК ќе ја одржи 22. седница
-
Министерот Бесент очекува САД годишно да имаат над 500 милијарди долари приходи од царини
-
Нема активни пожари, под контрола во „Јасен“, во Долнени и на Кожуф
-
Болсонаро е под 24-часовен полициски надзор поради ризик од бегство
-
Сончево и потопло со мала до умерена облачност
-
Трамп најави дека ќе воведе смртна казна за секое убиство во Вашингтон
-
Трендафилов: Загрижува што нема договор за зголемување на минималната плата