Македонија
19. April 2020 - 20:02

Обичаи и традиција за христовото воскресение – Велигден

Празни дворови и цркви. За прв пат во своето над 180 годишно постоење најпознатата и најголема црква во Прилеп, Свето Благовешетение, Велигден го дочека без верници.

На возвестувањето на Христовото Воскресение синоќа во црквата се служеше т.н. Едноцрквие на кое учествуваа свештените лица, вработените и одборниците од оваа црква и од црквата Свето Преображение.По Восрексниот тропар во црквите се продолжи со служење на Света Божествена Литургија. Свештениците велат дека оваа состојба е Божјо допуштение и промисла и дека тие на овој ден ќе се молат за целиот народ.

„Ние ќе се молиме тука, а нашите верници ќе останат дома да се молат заедно со нас и заедно ќе ја објавиме најрадосната вест под ова небо. Ќе се помолиме за болните, за обесправените за оние кои страдаат, за сите заедно ќе се молиме, ќе се помолиме дури и за оние кои се озлобија овие денови и се изначитавме и изнаслушавме разни клевети кон страна на нашата мајка црква. Но ние ќе се помолиме и за нив. Ќе се помолиме за здравје на нивните семејства, за љубов во нивните домови, затоа што нашиот Бог е љубов“, истакна Отец Илчо Смилески, старешина на црквата Свето Благовештение. 

Инаку одбележувањето на Велигден во Прилеп е поврзано со голем број обичаи и традиција. Народна и црковна. Одбележувањето започнува уште од Велики Четврток кога се вапсуваат јацата.

„На Велики Четврток утрото рано пред изгрејсонце се вапсуваат 3 јајца. Кој сака 3, но можи и едно. Едно мора да има вапсано и тоа се вика Гсподово јајце. Откако ќе ги вапса домаќинката јајцата ги изнесува на пенџере, да се гледа и да стои на црвена крпа, додека изгрева сонцето. Кога ќе станат домашните и децата се поминуваат на лицето и се вика црвено, бело, дебело. Тоа јајце се чува до иконата во домот. Може да стои со години. Нема да се расипи“, вели Лиле Ацеска, член на здружението „Преродба“.

На Велики Петок масовно се посетија црквите според сите препораки на Владата и МПЦ, а интересно е да се каже дека во Прилеп за самиот ден Велигден има уште еден уникатен адет. Целиот ден откако ќе се вратат прилепчани од црква, се облекуваат во нови алишта специјално купени за овој ден и шетаат со своите деца од куќа на куќа и го честитаат празникот. Но за жал оваа година и тоа изостана поради корона вирусот. Кршењето на јацата се изведе во домовите. Прилепчани порачуваат и покрај се никогаш нема да ја заборават традицијата.

„Ситуацијата е таква да ние сите мораме да се пазиме. Сето ова побрзо да помини традицијата ќе ја продолжиме со сите празници кои потоа следуваат. Ќе правиме според условите кои ги имаме во моментот, но традицијата не смееме да ја заборавиме“, истакна Лилјана Ѓорѓиоска, претседател на здружение на жени „Преродба“.

Според етнологот Александар Цветкоски голем дел од нашите обичаи можат и во ваква ситуација да се изведат дома. Ова на еден начин било можност за повторно враќање на некои изгубени семејни вредности.

„Сите семејни обреди ние можеме да си ги направиме дома. И капењето со јајца, со здравец, со трева дебелика, со сето она како што е по адет. И првото јајце кое мора да го зачуваме, кое е чувар на куќата. Самиот свечен чин ручекот. Обредните лебови. Сето тоа можеме да го направиме. Поглчеднете на интернет можете да видите дека ние имаме полно Велигденски песни, потсетете се на тие песни. Значи со ова брзо време, со оваа трка по пари, по функции, со сето тоа ние малку заборавивме на фамилијата. Е па овој пат ете може заради вирусот ние сето тоа да го дочекаме дома“, истакна Александар Цветкоски, етнолог.

Со служење на Златоустова Литургија во црквите одбележувањето на Велигден продолжува и утре и во вторник.