Спорт плус
2. July 2017 - 9:02

Ново финале за македонските одбојкари во Европската лига

 Македонската одбојкарска репрезентација на импресивен начин и со голем пресврт стигна до финалето во Европската лига.
 
Македонските „Спартанци“ иако губеа со 0:2 во сетови во полуфиналниот меч со Данска, сепак успеаја да се изборат за своето трето финале во низа во ова натпреварување на завршницата што се одржува во данскиот град Гентофе. 
 
Лошо го започна мечот нашите одбојкари дозволувајќи му на противникот да одиграат во добар ритам, па првиот сет црвено-жолтите го загубија со 19-25. 
 
И во вториот сет нашите одбојкари постојано ја бркаа предноста на Данците, но не успеаја, па го загубија и овој сет со 20-25 . 
 
Конечно нашите одбојкари заиграа во посакуваниот ритам кога беше најпотребно. Го добија третиот сет убедливо со 25-14, а во четвриот на противникот му препуштија 20 поени (25-20). 
 
Во решавачкиот петти сет, предводени од капитенот Никола Ѓорѓиев македонските одбојкари ја демонстрираа својата сила и квалитет на дело, па тај-брејкот го решија во своја полза со 15-11, за конечни 3:2 во сетови и пласман во финалето.
 
А, во финалето Македонија ќе игра против Украина која во првиот полуфинален меч ја совлада Шведска со 3-2. 
 
Финалниот натпревар ќе се игра од 19 часот, а претходно од  16 часот Данска и Шведска ќе играат во дуелот за 3.место.