Новите мерки на сила, загадувањето се уште високо
Продолжуваат обвинувањата меѓу власта и опозцијата за тоа кој е виновен за проблемот со загадувањето, откако Скопје повторно се најде високо на листата на најзагадени градови во светот.
Од СДСМ регираат дека со тројно намален буџет за реализација на проекти од областа на животната средина градоначалничката Арсовска нема да го реши проблемот со загадувањето.
Покрај тоа што за три пати ги намали средствата за Секторот за животна средина, Арсовска сериозно ги намали и средствата за субвенционирање на трошоците за набавка на инвертори. Субвенциите кон скопјани за инвертори за следната година се намалени на само 24 милиони денари, шест пати помалку од претходно!
Субвенционирањето за набавка на инвертори досега го искористија околу 5.000 домаќинства во Скопје, тоа се 5.000 помалку оџаци кои го загадуваат воздухот. Данела Арсовска наместо да ја продолжи и унапреди оваа мерка, таа крати средства и зборува за неиздржани и популистички мерки.
Опозицијата пак неуспехот поради кој граѓаните дишат нечист воздух и го препиша на власта. Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека за 5 години СДСМ нема ниту еден проект кој би продонел да се намали загадувањето.
Скопје е на листата најзагадени градови во светот затоа што владата не направи ништо половина деценија да го смени тоа.
СДСМ 5 години е на власт, и 5 години нема ниту еден проект со кој ќе се намали загадувањето и ќе се подобри квалитетот на воздух во Скопје и во другите градови.
СДСМ можеше како централна власт, но не направи ништо за да ја доврши гасификацијата. Каде што застана проектот со владата на ВМРО-ДПМНЕ таму е и сега. Нема никаков напредок.
Доколку имаше гас за домаќинствата во Скопје и другите поголеми градови сега ќе зборувавме за намалена загаденост на воздухот.
Гасификацијата е еден од главните фактори кои ќе ја намалат загаденоста на воздухот, а влада на СДСМ не е способна да ја спроведе. Затоа потребни се предвремени парламентарни избори и нова влада која ќе посегне кон реализација на проекти како целосна гасификација на земјата, се вели во соопштението на партијата.
Дека малку пари се издвојуваат од државната каса кога станува збор за проекти од областа на животната средина реагираше поранешната директрока на инспекторатот за животна средина Ана Петровска. Според неа потребни се 360 милиони евра за да дишеме чист воздух.
Во меѓувреме градот стартуваше со интервентните мерки. Од вчера јавниот превоз е бесплатен и во државните и во приватните автобуси. Се чистат и дивите депонии. Арсовска најави и засилени контроли над инсталациите, потоа на издувните гасови на возилата во сообраќајот, како и на градилиштата за тоа дали камионите кои излегуваат оттаму се исчистени. Градот бара од МВР да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9,30 до 14,30 и по 18,00 часот.
Товарните возила чија крајна дестинација не е главниот град да се пренасочуваат по обиколницата. Се препорачува и да се откажат јавни собири, спортски и културни настани на отворено.
-
Елена Милошевска
Сите содржини од овој новинар
