Македонија
28. September 2020 - 16:40

Нови случаи на Ковид-19 во градинките

Три деца и еден вработен се новите случаи со Ковид-19 во  скопски градинки. Брат и сестра кои биле згрижени во воспитно образовната установа “Срничка” во Аеродром викендот имале позитивен тест на Корона вирусот. Останатите деца и вработените  кои биле во контакт со нив се во изолација. Третото заболено дете посетувало градинка во Ѓорче Петров, информираат од министерството за труд и социјала. Инфициран со вирусот е и вработен во детска установа во Гази Баба. Иако за 3 недели има 20-тина случаи на заразени деца и воспитувачки, министерката Јагода Шахпаска вели дека засега состојбата била под контрола. Добро биле и заболените деца кои се на домашно лекување.

-И од сиот персонал кој имал некаков контакт, само еден воспитувач е хоспитализиран, имал и претходни хронични заболувања. Будно ја следиме состојбата сеуште е под контрола и ќе видиме понатаму како ќе се одвива, изјави Јагода Шахпаска, министер за труд и социјална политика.

Од друга страна на 3 дена до почетокот на учебната година сеуште нема одлука дали ќе има целодневна настава за децата од 1 до 3 одделение чии родители поради работните обврски неможат да ги земаат околу пладне. Според информации на Сител за ова прашање денеска се дискутирало и на Комисијата за заразни болести. Најверојатно ќе препорачаат целодневна настава до 15 часот, но да не се мешаат одделенијата. Сепак за ова треба да одлучи Владата.

Микробиологот Никола Пановски вели дека целодневната настава за 10 деца и без маска е безбедно, но ризикот е инфекцијата да не ја пренесат дома.

-Моја проценка е дека можат да седат до 10 деца во паралелка во дневен престој, но не и до 20 деца. Тие не можат да носат маска цело време, може ќе успеат 2-3 саати. Брз маска може да биде безбедно за 10 деца. За децата е безбедно и да се 30 деца внатре. Работата е дали ќе ја пренесат инфекцијата дома. Ако гледаме дека од забави се пренесува инфекцијата дома, не е страшно и некое дете да ја пренесе инфекцијата дома, барем некоја корист да имале децата, изјави за Сител проф. д-р Никола Пановски, микробиолог.

Министерството за образование сеуште собира податоци колку родители имаат потреба нивните деца повеќе часови да бидат згрижени во училиште, што е клучно за Комисијата дали да препорача целодневна настава.