Бизнис
31. March 2016 - 14:40

Нови простории на Катастарот на недвижности во Куманово

Кумановци од денеска ќе имаат можност да ги користат новите простории на Одделението за катастар на недвижности лоцирано во центарот на градот, веднаш спроти зградата на општината.

Просториите зафаќаат површина од 123 метри квадратни, современо уредени и достапни за сите граѓани, вклучително и за оние со посебни потреби. Едниот дел е приемно одделение со шалтери, а вториот дел е наменет за архивска граѓа со трајна и нетрајна вредност.

На отварањето присуствуваа министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески и пратеникот Зоран Ѓорѓиевски.

- Со сопствени средства Катастарот направи нови канцелерии кои се многу блиску до општината и до судот, така што секој ќе може побрзо да ги добие потребните документи, истакна министерот Мисајловски.

Тој најави дека следниот месец започнува и еден многу важен проект за кумановци, односно рехабилитацијата на автопатот Скопје - Куманово, инвестиција од 10 милиони евра. 

- Едната делница е инвестиција од пет милиони евра и втората делница е од пет милиони евра што значи целосниот проект за рехабилитација на автопатот е над 10 милиони евра. Едната фаза ја започнуваме веќе следниот месец, а следната фаза за неколку месеци што значи дека отприлика за 12 до 15 месеци ќе го рехабилитираме целиот автопат од Скопје до Куманово што е многу важен проект којшто честопати го бараа и пратениците и граѓаните од Куманово, рече Мисајловски.

На отварањето на новите простории, директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески истакна дека продолжуваат со подобрување на условите за работа, посочувајќи дека претходно шалтерите на Катастарот биле на втори кат и бил отежнат пристапот за граѓаните, особено на лицата со посебни потреби.

- Овде во Куманово имаме мал проблем. Општината, иако е овластена да издава имотни листови за нејзините потреби, на пример за добивање на одобрение на градба и за легализација на дивоградби, ги праќаше луѓето во старата зграда на Катастарот. Апелирам да се почитуваат законите и имотните листови да се издаваат онаму каде што треба, а не да се шетаат граѓаните од едно до друго место, рече Трпески.

Според раководителот на кумановската подружница на Катастарот, Дејан Јовановски, со новите простории ќе биде олеснет пристапот на граѓаните до услугите што ги нуди Катастарот.

- Ова е нешто што му требаше на Куманово, посебно на Одделението за катастар на надвижности. Мислам дека граѓаните ќе добијат подобра и поквалитетна услуга, рече Јовановски.

Пратеникот Зоран Ѓорѓиевски оцени дека ова е уште една мерка на Владата со која им се излегува во пресрет на граѓаните.