Свет
28. April 2023 - 14:18

Нови експлозии во Картум, примирјето повторно прекинато

Делови од главниот судански град, Картум, и неговиот збратимен град, Омдурман, од рано утринава се потресени од силни експлозии и пукотници, изјавија жители на двата града и покрај тоа двете завопјуванио страни во земјата го продолжија кревкото примирје за нови 72 часа.

Повторените кратки примирја не ги запреа борбите, туку им дозволија на десетици илјади Суданци да побегнат во побезбедни области, а странските држави да евакуираат илјадници свои граѓани по копно, воздух и море.

Жителите на главниот град пријавија жестоки судири во луксузниот кварт Кафури, каде што војската претходно користела воени авиони за да ги бомбардира своите ривали од РСФ.

Судири имаше и околу воениот штаб, Републиканската палата и областа во близина на меѓународниот аеродром во Картум.

Сите овие области се жаришта на борбите по избувнувањето на конфликтот, на 15 април, меѓу суданската армија и РСФ.

Омдурман рано утринава го потресоа експлозии во областа Карари, а населението во областа беше повикано да биде будно.

РСФ тврди дека воените авиони ги бомбардирале нејзините позиции во Омдурман и Џабал Авлија, јужно од Картум.

Во меѓувреме, суданската војска ги обвини паравоените сили дека го извршиле нападот.

Од почетокот на борбите во Судан, на 15 април, досега се убиени најмалку 512 лица, вклучувајќи цивили и борци, а уште 4.200 се ранети, соопшти суданското Министерство за здравство.