Македонија
21. јуни 2016 - 15:41

„Нова религија“ - изложба на Дејмиен Хрст во МСУ во Скопје

Изложба на британскиот уметник Дејмиен Хрст насловена „Нова религија“ ќе биде отворена утревечер во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје.

Изложбата на Хрст, кој важи за еден од највлијателните најиновативни и најуспешни светски уметници доаѓа во Скопје во организација на Британскиот совет во Македонија, Галеријата „Пол Столпер“ од Лондон и Музејот на современа уметност во Скопје.

Кураторот на изложбата Пол Столпер истакна дека оваа постановка првпат е изложена во неговата галерија во Лондон во 2005 година, а Дејмиен Хрст работел на неа во 2004 година. Првично започнала како збирка графики, но авторот подоцна ја надополнил со нови дела и техники и денес претставува инсталација.

- Со изложбата авторот ја обработува  темата за врската меѓу науката и религијата. Го следи развојот на науката и медицината  и иако не дава одговори, поставува прашања дали науката е нова религија. Оваа врска ќе може да се забележи во повеќе дела од изложбата на кои визуелно се прави врска меѓу таблети со ликови од библијата. Присутна е и пеперутката како мотив кој е во сржта на работата на Хрст  и ја симболизира врскта меѓу животот и смртта, вели Столпер, кој е особено задоволен од просторните можности на МСУ во кои ќе биде презентирана постановката. 

Директорот на МСУ Лазе Трипков  истакна дека изложбата е многу важна, но, вели, важна е и локацијата на изложбата, а тоа е овој Музеј, кој е прв солидарен музеј во светот и кој има прилично богата историја со која може да се пофали. Тој нагласи дека ова беше навистина голем предизвик, но не и преголем за Музејот, кој со неа ја почнува реафирмацијата на својата позиција на македонската културна сцена. 

- Музејот има длабок континуитет и огромна традиција на солидарност. Сите ние знаме што значи како културолошки феномен во Македонија, но за жал, изминативе години малку го подзаборавивме. Верувам дека не само ова изложба, но ова е изложба која е увертира на она што ќе следи, дека нема да биде тематата третирана контроверзно туку како еден современ контекст во којшто денес ние живееме и начинот на кој што ги конзумираме нештата и дожививаме. Така што Музејот на современа уметност мора и треба да биде повторно местото кое ќе биде збиралиште на секаква креативна енергија, критичка мисла, извор на инспирација и се она што следи во неговите атрибути, вели Трипков.  

Елеонора Запрова, директорка на Британски совет во Македонија истакна дека изложбата се организира по повод одбележување 20 години од нивната дејност во Македонија, а е трета голема изложба што ја организираат заедно со МСУ во последните четири години.

- Особена чест е да се прославува 20 години Британски совет во македонија со една ваква изложба - по прв пат Дејмиан Хрст воп Македонија, рече Запрова. Таа истакна дека Британскиот совет веќе 20 години  постои и ги развива културните врски меѓу Македонија и Обединетото Кралство и се надева дека таа соработка ќе продолжи и понатаму со сите културни институции. Воедно, најави дека утре пред отворањето на изложбата ќе доделат благодарници на сите културни и образовани институции со кои соработувале во земјава.

Во прилогот кон изложбата се наведува дека Дејмиен Хрст е еден најпознатите уметници на светот и истакнат член на групата позната како Млади британски уметници (Young British Artists - YBAs) која доминираше со уметничката сцена на Велика Британија во текот на 90-те години. Роден е во Бристол. Студирал на Jacob Kramer College of Art, Leeds (1983 – 1985 година) и на Goldsmiths College, University of London (1986 - 1989). Идеен творец е на групната изложба наречена „Freeze“ во 1987 година и исто така се јавува во улога на нејзин кустос. Генерално се смета дека оваа изложба ги отворила вратите не само на Хрст, туку и на цела една генерација британски визуелни уметници. 

Од крајот на осумдесеттите години, Хрст користи разни комбинации инсталации, скулптури, слики и цртежи за да ги истражува сложените односи помеѓу уметноста, животот и смртта. Низ своите дела тој ги истражува современите системи на верување и им поставува предизвици, при што ги сецира неизвесностите во срцето на човековото искуство. Од 1987 година досега низ целиот свет се прикажани повеќе од 80 самостојни изложби на Дејмиен Хрст, а неговите дела беа составен дел на повеќе од 260 групни изложби. Хрст е добитник на Тарнеровата награда во 1995 година.

Изложбата „Нова религија“ ќе биде отворена до 11 август. Досега има гостувано во повеќе земји во Европа и регионот.