Македонија
22. March 2023 - 21:16

Нова идеја за нова пруга кон Бугарија

Брза железничка линија меѓу Бугарија и Македонија – нова идеја за желеничко поврзување во екот на кампањата за освојување на бугарската власт, стигнува од соседството. Кандидатот за пратеник од партијата Продолжуваме со промените, Андреј Врапчев, предлага изградба на нова пруга од Благоевград до Кочани и оттаму во различните правци кон Битола, Скопје и Гевгелија.

Врабчев во изјава за Сител вели дека децениски ветуваната линијата Ќустендил-Скопје не може да ја игра оваа улога бидејќи се наоѓа во непосредна близина на северната граница. Според него, не само оваа, туку треба да има и железничка линија која би стигнала до Струмица и би го поставила почетокот на поврзувањето со Радовиш и Штип. Иако идејата доаѓа во екот на кампањата во Бугарија, Врапчев тврди дека ова не е обид за придобивање на политички поени, туку идеја која реално може да се реализира, а би била од корист за двете страни.

Ги прашавме и од Министерството за транспорт и врски, дали вакавата најава од бугарската страна може да биде прифатена во Македонија. Но ресорото министерство вели дека не размислуваат за такви идеи, бидејќи заложбите на македонските и бугарските власти сега е на завршување на коридорот 8.

Фокусот моментално е ставен на изградба на европскиот коридор 8 – изградба на пругата од Куманово до границата со Бугарија. Оваа година планираме да ја распишеме и тендерската постапка и за третата од Крива Паланка до Деве Баир за што проектираната вредност е преку 420 милиони евра. Работиме заедно со бугарската страна на заедничка изградба на тунелот што ќе ги поврзува двете земји и ќе биде гранична линија помеѓу двете земји и со тоа државата планира да го затвори железничкиот коридор 8 на исток. Затворањето на железничкиот коридор низ С.Македонија е заложба и на ЕУ, како и на Албанија, С.Македонија и Бугарија, за што веќе се потпишани неколку трилатерални меморандуми за соработка.

Врабчев најави дека кога ќе влезе во 49. Народно собрание на Бугарија, ќе инсистира на поврзување на Благоевград со Кочани-Велес, што би послужило како почеток на централна балканска брза линија што ги поврзува Црното и Јадранското море низ централниот дел на Северна Македонија.