Македонија
20. September 2022 - 12:48

Нов самит ЕУ-Западен Балкан во декември во Северна Македонија или Албанија

– На почетокот на декември ќе се одржи нов самит на лидерите на ЕУ и на Западен Балкан, по прв пат во една од земјите од регионот, во Северна Македонија или во Албанија, објави РТС повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, тој состанок треба да даде нов, силен сигнал за посветеноста на ЕУ кон Западен Балкан, со порака до земјите од регионот да го искористат новосоздадениот политички амбиент во Европа, со цел да се подобри процесот на пристапување и решавање на отворените прашања во регионот.

Иако консултациите се уште траат, европските дипломатски кругови оценуваат дека Србија нема шанси да биде домаќин на оваа средба на највисоко ниво, пред се поради неусогласеноста на Белград со надворешната политика на ЕУ кон војната во Украина.

-Позициите и реториката на Србија за санкциите против Русија и војната во Украина се неприфатливи за многу земји членки, наведуваат европските дипломати за РТС и оценуваат дека самитот „најверојатно ќе се одржи во Северна Македонија или во Албанија“.

Во Брисел оценуваат дека војната во Украина ја зајакнала свеста во Европа за важноста на политиката на проширување за стабилноста на континентот, што се покажува и со покажаната подготвеност за брз напредок во разговорите со Украина и другите земји кои до неодамна не беа дел од процесот.

– Важно е земјите од Западен Балкан да не останат на страна и со тоа да го пропуштат моментумот за побрз напредок, наведуваат дипломатски извори и оценуваат дека во наредните месеци ќе се бараат начини за конкретен напредок во прашања како што е почеток на преговорите со Северна Македонија, поконкретен напредок во дијалогот меѓу Белград и Приштина, кандидатскиот статус за БиХ и барањето на Приштина за визна либерализација.

Пред самитот во декември, на 6 октомври во Прага ќе се одржи самит на таканаречената Европска политичка заедница, на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Овој нов формат треба да ги доведе на иста маса членките на ЕУ и оние земји кои немаат, или не сакаат перспектива за членство, обезбедувајќи платформа за редовна дебата за прашања од заеднички интерес за целиот континент, од безбедноста и енергетиката до климатските промени и поврзаноста.

Заедно со поканите за земјите од Западен Балкан, како што пренесува РТС, претседателот на Европскиот совет Мишел и чешкиот премиер Вијала на самитот ги поканиле и Велика Британија, Украина, Молдавија, Грузија, Турција, Азербејџан и Израел.

Германскиот канцелар Олаф Шолц го поддржа проектот за Европска политичка заедница, со предупредување дека тој не може да биде замена за проширувањето на ЕУ и најави „оживување“ на Берлинскиот процес и одржување нов самит на оваа иницијатива на 3 ноември во Берлин, со фокус на Зелената агенда и заедничкиот регионален пазар.

Многу земји-членки сметаат дека Берлинскиот процес е недоволно инклузивен формат, бидејќи собира само една третина од членките на ЕУ, и затоа е потребен сигнал за поширок европски политички ангажман на Балканот, меѓу другото и преку самитот на лидерите на ЕУ и на Западен Балкан, најавен за почетокот на декември во регионот, јави РТС.