Македонија
27. January 2016 - 13:03

Нов пензионерски клуб во село Волково

Нов пензионерски клуб на површина од 168 метри квадратни комплетно опремен со потребните друштвени игри: шах, домино, пикадо и табла како и нови маси и столици, денеска беше отворен во село Волково.

На отворањето на клубот пред голем број пензионери, заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека пензионерскиот клуб ќе им помогне во организирање, нивно дружење и квалитетно поминување на слободното време.

- Владата на РМ  и Министерството за труд и социјална политика во иминатите години во фокусот имаше зголемување на мрежата на дневни центри на корисници на пензија. Отворивме вкупно 10 центри за стари лица и со овој проект планираме да продолжиме и понатаму, рече Спасов и додаде дека во  2016 година планирано е отворање на уште четири дневни центри.

Потсети дека пензионерите оваа година во октомври ќе добијат зголемување на пензиите за 5 проценти за кои, како што рече, веќе се направени потребните законски измени.

Според градоначалникот на Ѓорче Петров Сокол Митровски, отворањето на клубот е резултат на одличната соработка на општината со Сојузот на пензионерите од Македонија.

- Ова е втор клуб кој општината со сопствени средтава го отвара за потребите на пензионерите од овој локалитет. За реконструкција на објектот вложени се 2,5 милони денари во кој покрај клубот отворена ќе биде и канцеларија на Месна заедница за жителите од Волково, појасни Митровски.

Претседателот на Сојузот на пензионери на Македонија Драги Аргировски истакна дека овој објект е прв пензионерски клуб оваа година која е јубилејна за Сојузот кој прославува 70 години од неговото основање.

Во објектот е поставена нова водоводна мрежа и канализација и е приклучен на постоечката водоводна и канализациската мрежа. Целосно е заменет покривот, поставен е нов под, реконструирани се таваните и изградени се тоалети. Реновирана и фасадата на зградата а старите и дотраени прозорци и влезна врата се заменети со ПВЦ столатија.