Бизнис
16. September 2015 - 16:24

Нов оглас на Фондот за иновации

Месецов ќе се објави новиот оглас за средства од фондот за иновации со три пати поголем буџет за инвестиции од претходниот.

Премиерот Груевски најави поддршка од 1,3 милиони евра за компании со иновативни производи, како и уште половина милиони евра за бизнис акцелератори за компаниите кои веќе добиле поддршка со цел да го забрзаат нивниот раст.

- Претходно беа инвестирани 458.000 евра, сега ќе бидат доделени 1,3 милиони евра. Речиси три пати повеќе од првиот оглас. Дел од средствата ќе бидат искористени за старт ап компании и спин оф компании, околу 300.000 евра. Четиристотини илјади евра ќе одат за трансфер на технологии и останатите 600.000 евра ќе бидат искористени за комерцијализација на иновациите. Дополнително, до крајот на оваа година уште 500.000 евра ќе бидат инвестирани за акцелератори на новите компании, кои имаат иновации добиле поддршка од државата и треба да го забрзаат нивниот раст, изјави Груевски.

На првиот оглас фондот за иновации додели по 30 илјади евра за комеријализација на иновативните производи и услуги на 16 компании. Селекцијата ја вршеше комисија од домашни и странски експерти.

Државата на овој начин, по примерот на развиените земји, за првпат внесува развоен капитал во иновативни идеи и технологии кои имаат комерцијален потенцијал.

Со новиот оглас и средствата за бизнис акцелератори, во наредните три месеци ќе се инвестираат 1,8 милиони евра. Целта е фондот во следните 3 до 4 години диреткно да вложи 10 милиони евра во напредни проекти на македонските претприемачи.