Нов член во Судски совет според нов закон, а стари критериуми
Со нов закон, ама според стари критериуми.. Новиот член за Судски совет Аљбан Кадриу, предложен од Собранието, ќе се избира како истакнат правник, но без препораки од универзитетски професори или уставни судии.. Вавкиот начин на избор е предвиден во Законот за судски кој е веќе во собраниска процедура, а утре пред пратениците ќе се најде во второ читање.. Влезот во Судски за полицискиот инспектор од Тетово, законот го предвидел со преодна одредба во која пишува дека.
Постапки за избор Член 113
„Започнатите постапки за член на Советот, до денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе завршат согласно со одредбите од Законот за судски од 2019 година“, се наведува во законот..
Новиот закон предвидува построги критериуми за членови на Судски од редкот на истакнати правници, а предложени од Собранието и Претседателот на државата. Се бара најмалку 15 годишно работно искуство во правната професија, најмалку три препораки од Универзитетски професор, Адвокат или Уставен судија. Сепак, според преодните одредби на законот кој е веќе пред пратениците, таквите услови нема да важат за Кадриу кој на местото во Судски ќе го замени Селим Адеми, позиција резервирана за етничките заедници кои се над 20 отсто во државата.
Пополнувањето на местото според постојниот закон, веќе го критикуваше невладиниот сектор кој ги следи состојбите во правосудството. Тие на средина од месецов предупредија на ризик од повторна примена на застарените и критикувани практики.
„Загрижува фактот што Собранието, и покрај претходно изнесените критики кон и изгласаната интерпелација на членовите од редот на истакнати правници избрани од Собранието по старите критериуми, повторно пристапува кон избор по истата постапка. Наместо да го донесат новиот закон и да ги применат унапредените критериуми, се создава впечаток на недоследност во спроведувањето на реформските заложби“, велат од Блупринт групата.
Во Судски се очекува влез на уште двајца нови членови како истакнати правници откако завршија мандатите на Весна Дамева и Миљазим Мустафа. Нивни наследници треба да предложи Претседателката на државата, која одамна најави дека ќе го чека новиот закон со заострени критериуми, па дури потоа ќе номинира членови за Судскиот совет.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
