Нов центар во Штип за развој на студентски бизнис идеи
Стопанската комора, Општина Штип и штипскиот универзитет го развиваат Центарот за трансфер на технологии, преку кој студентите ќе добијат можност стекнатото знаење да го претворат во конкретни производи, иновации и сопствени бизнис идеи.
Целта на тој иновациски, односно универзитетски стартап центар е да им помогне на студентите, заедно со професорите, младите истражувачи, научниците и лаборантите, научните сознанија и резултати кои што ги продуцираат да можат да ги комерцијализираат во пракса.
-Целта на Универзитетот не е само да обезбеди знаење за студентите кои што понатаму тие ќе можат да го стават во функција за вработување, туку знаење кое што ќе можат да го стават во функција на креирање на сопствени бизниси и мислам дека еден од фокусите на нашиот Универзитет во наредниот период особено ќе биде тоа, изјави Дарко Лазаров, проректор за инвестиции и развој- УГ-Штип.
Во центарот студентите ќе можат да развиваат и тестираат прототипи, а поддршка ќе добиваат и од професори од економските и правните науки, од комерцијализација и маркетинг, до правни и други услуги.
-Тоа ќе биде еден целосен систем, заедно особено со техничките факултети кој што Универзитетот ќе го стави во функција на сите наши студенти на сите три циклуси на студии. И дел од проектите кои што Универзитетот ги работеше, вклучувајќи го и проектот со Алијансата, меѓутоа и други проекти финансирани од Европската Унија, се во таа насока на градење на претприемачка инфраструктура, којашто иновациска инфраструктура во рамки на Универзитетот ќе биде ставена целосно во функција на самите студенти“, вели Лазаров.
Веќе функционираат два иновациски хаба, едниот на Економскиот факултет, а другиот на Кампус 2, каде се техничките факултети. Целосниот концепт се очекува да биде промовиран во септември, а да започне со реализација од октомври.
-Ова не е изолиран, туку интегриран систем, кој Универзитетот ги гради системски и мислам дека резултатите ќе бидат видливи многу брзо, изјави Лазаров.
Центарот ќе биде поврзан и со партнерските универзитети од Европската универзитетска алијанса. Студентите ќе можат да ги развиваат своите идеи и да соработуваат со колеги од други европски земји.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
