Македонија
5. February 2022 - 16:31

Нижеполе 15 години затворено за туристи

Затворен и запоставен. 15 години не функционира Зимско-летниот туристички центар кој се наоѓа во населбата Нижеполе, откако во 2008 година се укина туристичко-угостителската дејност на ЈП Стрежево во чија сопственост е објектот. Претпријатието бара начин како да го рестартира овој центар.

-Со тоа што ќе може тој објект да се реновира, да биде во функција и да биде еден од подобрите простори каде ќе може да се скијаат граѓаните и да ги користат благодетите на Пелистер“, рече Менде Граматковски, директор на ЈП Стрежево.

За да се реализира ова потребни се многу финансиски средства.

- Јас се надевам дека ние во наредниот период ќе изнајдеме стратешки партнер или концесионер, којшто ќе го дадеме под концесија објектот на 20 или 30 години.Намерата ми е тој објект да се оплемени, да се изгради и после користењето на концесијата да се врати повторно во користење на ЈП Стрежево, односно објектот е да остане во трајност на битолчани, истакна Граматковски.

Граматковски потенцираше дека овој објект нема да се продава.

Во непосредна близина на овој објект е ски-центарот Нижеполе каде веќе два месеци има успешна скијачка сезона за разлика од претходните години.

-Изминатата недела и претходно доаѓавме скоро секој ден, додека беа децата на зимски распуст. Овие природни убавини треба да ги цениме.

-Јас сум овде вработен, оие стази ги правевме пред 25 години. Ова убавина треба да се користи, велат скијачи.

Со цел ски-патеките на Нижеполе да функционираат цела зимска сезона, Стрежево кој е концесионер, изработи проект за обезбедување вештачки снег кој моментално се наоѓа на одобрување во институциите. Граматковски се надева дека за брзо време ќе се добие дозвола и ќе најдат финансиски средства за да може да се реализира овој проект.