Македонија
1. February 2018 - 17:30

Нимиц оптимист: Решение за неколку недели или месеци - Димитров: Ако се допре идентитетот нема решение

Неколку недели или месеци ги делат Македонија и Грција од конечно решение на спорот со името. Ваков оптимистички став има медијаторот Метју Нимиц по средбите со државно-политичкиот врв во двете земји. Нимиц вели дека сега е вистинскиот момент кој треба да се искористи за ставање крај на деценискиот спор, и покрај тоа што признава дека има одредени разлики во ставовите помеѓу Скопје и Атина. Шефот на македонската диплотаија ја повтори подготвеноста на земјава , но само доколку тоа решение е достоинствено.

Ниту Нимиц, ниту Димитров не открија детали од разговорите и за што се освен името преговаат двете држави. Во однос на идентитетот Нимиц верува дека постои решение кое не само што нема да го негира, туку ќе го зачува и зацврсти македонскиот идентитет. Според Димитров пак, идентитетот не може да биде предмет на преговори, а земјава го отстранила иредентизмот со уставните промени во 92-та и 95-тата година, но грчката јавност не е информирана.

 Решението за разликата околу името според претседателот Иванов може да се надмине само во рамките на Обединетите нации.

Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија ќе продолжи и натаму конструктивно да учествува во процесот, со цел изнаоѓање на решение на наметнатиот спор од страна на Грција, кое нема да задира во идентитетот на македонскиот народ и нема да го наруши достоинството на македонските граѓани.

Претседателот Иванов го поздрави интензивирањето на дијалогот и потенцираше дека надминувањето на разликата околу името мора да биде во согласност со меѓународното право и меѓународно преземените обврски, велат од кабинетот на шефот на државата.

На средбата со Заев, медијатор бил запознаен со заклучоците од координацијата на македонскиот државно-политички врв и деталите од средбата со грчкиот премиер Ципрас.

Сега е време за решавање на ова прашање за кое се водат дискусии веќе 25 години, а неопходен е прагматичен пристап и решение за да се постават основи за долгорочни и стабилни билатерални односи.

Премиерот Заев и медијаторот Нимиц се согласија дека и понатаму треба да продолжи атмосферата на добра волја и на дијалог во процесот, на што повикуваат од НАТО и од ЕУ, и дека тоа е начинот да се стигне до компромис и до взаемно прифатливо решение кое ќе го почитува националниот идентитет и дигнитет на двата народи, се вели во соопштението.

Како оптимист за можно решение на спорот по средбата со Нимиц, излезе и лидерот на ДУИ Али Ахмети.