Македонија
28. January 2018 - 19:05

Нимиц е оптимист за взаемно прифатливо решение во координација со Вашингтон, Брисел и Берлин

Пред Македонија и Грција стои историска можност преку координацијата на ОН со Вашингтон, Брисел и Берлин да се постигне взаемно прифатлив договор. Медијаторот Метју Нимиц во интервју за грчки Катимерини позитивно гледа на интензивираниот процес на комуникација.

- Средбата меѓу премиерите Ципрас и Заев во Давос беше позитивна и важна, една средба од вистинско историско значење, ако конечно доведе до решавање на важните разлики меѓу двете соседни земји. Време е да се интензивираат разговорите во врска со условите за еден конечен договор, со претпазливост на прашањата што беа истакнати од двајцата премиери. Согласно со нивната намера, доаѓам во Атина и Скопје на разговори, за да се придвижи процесот. Верувам дека сега постои една динамика за изнаоѓање решение, вели Нимиц.

Грчкиот весник според свои извори во ОН пишува дека се очекува решение до април иако посредникот Нимиц се надева дека тоа може да се случи и побрзо. Катимерини открива дека е понудена широка употреба на новото име од моментот кога Македонија ќе се интегрира во Европската унија, а во меѓувреме новото име да се користи во меѓународни организации и форуми. Секоја земја ќе има право да го употребува името или на македонски јазик, или на англиски или да го преведе, а дали ќе се менува уставот ќе треба да одлучат експертите по уставно право во Македонија.

Професорката по уставно право и политички системи Гордана Силјановска Давкова за Сител вели дека Македонија во овој процес не е земјата која има проблем со себе.

- Ние веќе направивме уставни измени на барање на Грција. Национален суицид е пак да го правиме тоа, откажувајки се од суверенитетот и правото на самоопределување. Ние немаме проблем со себе, ниту со 139 држави, туку Грција има со нас, вели професор Силјановска Давкова.

Метју Нимиц од 29 јануари до 1 февруари ќе биде во посета на Атина, а потоа и на Скопје, како дел од интензивираниот процес на преговори.