Македонија
29. April 2025 - 12:39

Николоски: Предвремени избори нема да има

Предвремени парламентарни избори заедно со локалните нема да има. 

Вицепремиерот вели дека владата е стабилна а турбуленциите во коалицијата ВРЕДИ немаат капацитет да го урнат комотното мнозинство. Не очекува Таравари да сврти кон ДУИ

Ваквиот став на Николоски ДУИ го оцени како шовинистички и антиевропски. 

„Изјавата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ дека „соработката на една албанска партија со ДУИ е политичко самоубиство“ не е ништо друго освен доказ за нивната опасна амбиција за инженеринг на албанската политичка сцена, со цел создавање на марионетска албанска структура под целосна контрола и истовремено

доказ за нивната омраза и одмазда кон ДУИ и Албанците – мотивирана од длабоки геополитички, антиевропски и шовинистички цели“ – се вели во соопштението на ДУИ

Од партијата и натаму остануваат на своето барање за предвремени избори кое за коалицијата ВРЕДИ е само обид на ДУИ да се спаси од криминалот, бидејќи како што велаат од коалицијата, политичката реалност нема да се промени.

„ Само политички слепци не гледаат дека ако локалните и парламентарните избори се одржат заедно, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи со над 60 пратеници. ДУИ не извлече никаква поука. Напротив, продолжува да ја зајакнува ВМРО-ДПМНЕ со лаги за наводна деалбанизација, плашејќи го сопствениот народ со празни приказни.

Но Албанците не се наивни! Знаат дека „Пржинска влада“ им треба на ДУИ само за едно нешто: за да го спасат криминалот на Али Ахмети и да ги сокријат досиејата што секој ден излегуваат на виделина!“ – се вели во соопштението на коалицијата Вреди.

СДСМ во моментов не бара предвремени избори, но партискиот лидер Филипче, во Тема на денот минатата недела рече дека партијата е консолидирана и дека ако власта го побара тоа, опозицијата е подготвена да излезе на предвремени избори.