Македонија
11. April 2022 - 21:15

Никола Груевски и Сашо Мијалков на црната листа на САД - Груевски тврди дека одлуката е неправда кон него

Никола Груевски и Сашо Мијалков се најдоа на црната листа на САД. 

Од Стејт департментот сметаат дека поранешниот премиер и екс директорот на УБК преставуваат закана за стабилноста на регионот на Западен Балкан и тоа преку корупција, криминал и други незаконски активности. Од тие причини, САД ги замрзнува имотите и забранува секакви трансакции со лица од САД. Санкциите не се однесуваат само на Груевски и Мијалков, туку и на нивните семејства.

На ова веднаш реагираше Никола Груевски, кој на Фејсбук напиша дека ваква одлука била очекувана бидејќи власта во Македонија со години лобирала за тоа.

„Жалам за одлуката на State Department која ја објавија денес а меѓу другите се однесува на мене. Наводите кои се наведени заради кои сум ставен на листата се неточни информации на кој се подлегнало и во најголем дел произлегуваат од долгогодишниот политички прогон кој се води против мене во Македонија. Од тој аспект иако немам никаков имот во САД, чуствувам голема неправда бидејќи работев многу чесно и многу одговорно борејќи се за државните и националните интереси“, напиша Груевски.

Според аналитичарите, САД праќа јасна порака за властите во регионот.

На црната листа на САД од 2003 година има 9 политичари од земјава, а истата една година подоцна беше проширена и за уште двајца, Љубе Бошковски и Мендух Тачи. Аналитичарите очекуваат дека цанкциите од САД ќе продолжат и во иднина.

Стејт департментот смета дека делата на Груевски и Мијалков го поткопуваат владеењето на правото, демократијата, довербата во институциите и во Владата. 

Велат и дека ќе продолжат да ги користат сите расположливи алатки за борба против корупцијата во Западен Балкан.

„Овие акции се однесуваат на борбата со корупцијата. Не се работи за политичка акција, ниту намера за поддршка на било која политичка партија во која било од државите каде воведовме санкции за конкретни личности. И ќе продолжиме да го правиме тоа секогаш кога ќе видиме и ќе докажеме корупција“, велат од Стејт департментот.

Покрај Груевски и Мијалков, на црната листа на САД се најдоа уште петмина високи поранешни функционери од другите земји од Западен Балкан. Од Стејт департментот велат дека ваквата одлука е резултат на посветеноста на САД за борба против корупцијата во Западен Балкан, како приоритетен и најсериозен проблем во регионот. Затоа ќе продолжат со поддршка за зајакнување на владеењето на правото.