Македонија
13. December 2021 - 20:58

Никој нема одговор од каде миризбата на плин во домовите во Бутел

И по скоро две недели откако се појави миризбата на плин во неколку домови во Бутел, надлежните не ја знаат конкретната причина и си ја префрлаат надлежноста за откривање и решавање на проблемот. Од Центарот за управување со кризи велат дека мирисот се повлекот откако биле исчистени канализационите цевки.

Од Водовод и канализација, пак, тврдат дека фекалиите не создаваат таква миризба и од нивното досегашно искуство се сомневаат дека можеби изворот е од околните дуќани.

Надлежните посочуваат дека во главниот град и друг пат се случил сличен проблем, но миризбата била со помал интензитет. За да се најде изворот потребно е да се користат специјални детектори, кои ги поседува Дирекцијата за заштита и спасување. Оттаму, пак, велат дека кога излегле на терен констатирале дека нема испарување на плин ниту од шахтите, ниту од трговските објекти.

Поради интензивниот мирис на плин, кој пет дена се ширеше во неколку куќи во скопската населба Бутел, едно од семејствата мораше привремено да се евакуира.