Македонија
25. February 2024 - 16:31

Независниот синдикат на здравствени работници најавува штрајк доколку нема линеарно зголемување на платите

Протести за време на паузите, затворање на болниците и поликлиниките од 11 до 14 часот и генерален штрајк во здравството најавува независниот синдикат при КСОМ доколку во април паралелно со зголемената  минимална плата за околу 2.300 денари линеарно не се покачат и платите на сите вработени во јавното здравство. Веќе е извесно дека ова нема да се случи до летото бидејќи до пред распишување на изборите не се потпиша колективниот договор. Во меѓувреме со мартовската плата речиси ќе се изедначат примањата на хигиеничарките со средно медицинскиот персонал.

- Да не се игра со чувствата на вработените во здравството, уште еднаш да не бидеме изманипулирани, бараме правилно и законски да се исплати платата согласно со законот за минимална плата. Ова наше барање е основано и во согласност со законот за минимална плата, изјави Боби Бојчевски, национален координатор на Независниот синдикат за здравство при КСОМ.

Од Независниот синдикат во здравството освен за платите реагираат и за извисувањето на ангажираните со договор на дело. Не само што  не ги добија најавените решенија, туку на голем дел од нив не им се понудени ниту нови договори, а тоа ќе го отежне функционирањето на здравствените установи.

- Ако не се реши овој  проблем, сметаме дека голем проблем ќе биде во понатамошното функционирање поради тоа што тие се дел од секојдневната здравствена услуга, во амбулантите, поликлиниките и болниците, каде во услови на многу голем недостаток на персонал, еден вработен работи за тројца, рече Кристина Олевска, претседателка на Независниот синдикат од ГОБ „8 Септември“

Со апанажата на двајцата политичари ќе бидат покриени платите на 15 лица вработени со договор на дело, рече Лазо Костовски, претседател на Независниот синдикат на геријатрија,

Во име на сите со договор на дело апелираме да се реши нашиот статус за да може да останеме во нашата држава да не си одиме надвор, изјави  Томас Тодоров, дипломиран физиортерапевт со договор на дело на кардиохирургија.

Околу 2000 лица се ангажирани со договор на дело за подминимални примања и без здравствено осигурување. Пред нова година властите најавија трајно вработување на половината од нив, но тоа не се случи.  Новиот министер најави дека е стопирана  целата постапка поради изборите.