Македонија
17. August 2022 - 16:47

Невремето во Неготино направи големи штети за граѓаните

Торнадо кое за десетина минути однесе се пред себе, вака неготинчани го опишуваат вчерашното невреме. Само чудо ги спасило да не настрадаат кога почнале да се рушат покриви, да паѓаат оџаци и греди. Илија Давчев кој сведочеше пред камертата на Сител вели во моментот на невремето бил дома кога одеднаш слушнал силен удар. Покривот целосно се откорнал а, од плафонот пробила вода која му го поплавила половина стан.

На санација се работеше од рано утрово. Неколку семејства останаа буквално без покрив над глава. Се обидуваа да го заштитат поткровјето за да спречат поголема хаварија при евентуално ново невреме со дожд. Жителите кои се погодени од невремето денеска поднесуваа пријави до Општината.  

Комуналната служба и пожарникарите од синоќа се на терен и ги санират штетите. Формирана е комисија за проценка на штети по што ќе се одлучува колкава помош ќе им биде доделена на граѓаните. Невремето ги погоди и земјоделските насади, лозјата од кои голем број жители егзистираат.

Најмногу погодени има на улицата Првомајска и во селото Тимјаник. Невремето оштети многу бандери и се уште се работи на поправка на електричната мрежа.