Македонија
22. јуни 2021 - 15:12

Невреме во Прилепско уништи големи површини со земјоделски култури

Големи површини со градинарски култури, со пченка, тутун, житни култури се уништени во атарите на шест села во Прилепскиот регион. Градот што интензивно паѓаше десеттина минути во попладневните часови, вчера околу 15:30 часот, длабоко ги загрижи земјоделците.

Драге Кукески и Гоце Станоески, земјоделци од кривогаштанското село Бела Црква имаат големи штети, претежно на пиперките.

– Големи штети се направија. Имам 30 декари со пиперки и не знам што ќе остане. Уништено е многу. Може да нема ни за ајвар. Што ќе правиме, не знам. Ако може државата да помогне, вели Кукески.

Земјоделецот Станоески вели дека има седум декади со насадени пиперки и сите се уништени, како и кромидот.

-Штетите се големи. Немаме осигурано зашто работиме ниви под закуп. Апел до државата да ни помогне, вели тој.

Според Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделците на Македонија, земјоделците ја почнаа годинава со неволји: прво со откупот на тутунот, па имаше суша при расадувањето, а сега невреме. Ќе пријават во Министерството за земјоделство и во општините да направат комисии за процена на штетите. Опфатени се околу 2000 хектари од атарите на шест села.

– Земјоделците ги следи малер уште со откупот на тутунот, потоа нè фати суша во расадувањето, мораше да се пресадува, ама пак се надевавме дека ќе може да добиеме на квалитет за да вратиме дел од загубите. Сега не погоди град и направи големи штети. Штетите се од 20 па до 100 насто. Невремето зафати огромни атари, од Крушевскиот, селото Свето Митрани, во Кривогаштанско, во Бела Црква, па Тополчани, Чепигово, Пресил, Канатларци, Ношпал, вели Стоманорски.

Тој посочи дека се опфатени сите култури: тутун, пиперки, кромид, жито, царевка, а тоа што помалку е уништено, удрено е од градот и веќе е заболено. Стоманорски додава дека сега од ново треба да се вложуваат средства, а не знаат дали ќе има род.

-Ќе пријавиме во Министерството за земјоделство и во сите општини за да се формираат комисии, да излезат на терен и да проценат за да може да се помогне да ги ублажиме штетите и загубите, истакна претседателот на Сојузот на земјоделци.

Невремето во Прилепско ги загрижи земјоделците за производството.