Македонија
7. April 2021 - 16:39

Невработеноста и лошите услови за живот најголем проблем за Ромите

Вработување, подобри услови за живот, образование за секого и соодветна здравствена заштита. Ова се очекувањата на ромската заедница, која се одликува со најголем процент на лица без образование, кои живеат сиромашно и во субстандардни услови.

Во време на пандемија, кога се забранети масовни собири, наместо со прослава Меѓународниот ден на Ромите ќе го искористат да упатат апел за нивна рамноправност и поголеми права.

Ромите признаваат дека Македонија е земја каде уживаат најголеми права и се задоволни што како заедница се содржани во преамбулата на Уставот. Сепак, потенцираат дека многу работи се пишани само на хартија и не се имплементирани во реалниот живот.

Дискриминацијата на Ромите е проблем присутен во сите земји, за што предупредува и Советот на Европа.

Годинава се одбележува 50-годишнината од одржувањето на првиот Светски конгрес на Ромите, кога во Лондон се официјализираше ромското движење, кое се залага за нивна еднаквост.