Свет
22. December 2017 - 22:28

Нетанјаху: Некои земји размислуваат да ги преселат амбасадите во Ерусалим

 Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху изјави дека неколку држави размислуваат да ги преместат своите амбасади во Ерусалим, по одлуката на САД да го признае Ерусалим за главен град на Израел.

Во интервју за Си-Ен-Ен, откако Генералното собрание на ОН вчера го оспори признавањето на Ерусалим, Нетанјаху вели дека се разговара со неколку земји кои сериозно размислуваат да ги преселат своите амбасади во Ерусалим.

Тој не сакаше да прецизира со кои земји се разговара.

Во однос на одлуката на САД, Нетанјаху смета дека со тоа е потврдена „историската вистина“.
 
- Ерусалим е престолнина на Израел веќе 3.000 години, уште од времето на кралот Давид. Беше престолнина на Израел последните 70 години и беше време САД тоа да го каже. Задоволство ми е што го сторија тоа. Мислам дека и други земји ќе постапат така, рече Нетанјаху во интервјуто.