Нетанјаху: Израел нема да дозволи Иран да развие нуклеарно оружје

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека Израел нема да дозволи Иран да развие нуклеарно оружје, прецизирајќи дека извршил безброј „отворени и прикриени“ акции кои ја уназадија иранската нуклеарна програма за „речиси една деценија“, пренесоа израелските медиуми.
Тоа е прва изјава на Нетанјаху за Иран откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги започна преговорите со Техеран во обид да склучи нов ирански нуклеарен договор, но и по изјавата на првиот човек на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Маријано Гроси, кој вчера, по посетата на Техеран, изјави дека Иран „не е далеку“ од поседување нуклеарно оружје.
„Како што многупати изјави премиерот – Израел нема да дозволи Иран да се здобие со нуклеарно оружје“, се вели во соопштението од кабинетот на Нетанјаху.
„Премиерот водеше безброј акции, и отворени и прикриени, во борбата против иранската нуклеарна програма, без која Иран денес би имал нуклеарен арсенал. Тие акции ја вратија иранската нуклеарна програма речиси една деценија назад“, се додава во соопштението.
Западните земји, предводени од САД, се сомневаат дека Иран засилено работи на производство на нуклеарно оружје. Техеран ги отфрла тие обвинувања и го брани правото на нуклеарна енергија за цивилни цели, особено за енергија.
Иран и САД, кои немаат дипломатски односи од 1980 година, минатата сабота ги одржаа првите разговори, со посредство на властите во Оман, за иранската нуклеарна програма.
„Њујорк тајмс“ денеска објави дека Трамп го одвратил Израел да не ги напаѓа нуклеарните локации во Иран во корист на дипломатијата.
Во 2015 година, Иран склучи договор со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за својата нуклеарна програма во Виена. За возврат, текстот предвидуваше намалување на меѓународните санкции против Техеран.
Сепак, во 2018 година, за време на неговиот прв мандат, Трамп еднострано ја повлече својата земја од договорот и повторно воведе тешки санкции кон Иран. Како одговор, Техеран ги зголеми резервите на збогатен ураниум на 60 отсто, додека 90 отсто се потребни за производство на атомско оружје.
На 7 март, американскиот претседател рече дека испратил писмо до иранските власти во кое предлага преговори за да се спречи Техеран да развие нуклеарно оружје, заканувајќи се со воена интервенција.
Иранските власти тогаш одговорија со изјавата дека се против директни преговори под „максимален притисок и закани“, но се отворени за индиректни контакти.
Ново на Сител
-

Ѓорѓиевски ги обзнани имињата на директорите на јавните претпријатија
-

Сијарто: Европските пари не треба да се користат за финансирање на корумпираната украинска воена мафија
-

Започна проектот за спас на велешко езеро „Младост“
-

Француската полиција ја ослободи жената приведена за грабежот во Лувр
-

Предлог-измените на Законот за ДДВ го поминаа првото читање пред матичната собраниска Комисија
-

Министерство за економија и труд: Повисоки плати и повеќе работни места преку новите мерки за инвестиции
-

Струшката полиција откри три бразилки и една девојка од Перу со незаконски престој во земјава
-

Додека бил на работа запалил службени материјали во метално буре, кривична за инспектор од Македонска Каменица
