Свет
13. November 2017 - 23:44

Нетанјаху: Израел ќе продолжи со воените акции преку сириската граница

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека ги информирал САД и Русија дека неговата земја ќе продолжи да спроведува воени операции во пограничните региони на сириската територија, независно што овие две земји се обидуваат да договорат проширување на примирјето во Сирија.

Нетанјаху во обраќање пред членовите на неговата десничарска партија Ликуд во Парламентот изјави дека Израел ги контролира своите граници, се брани себе си и ќе продолжи да го прави тоа. 

- Ги информирав нашите пријатели во Вашингтон и во Москва дека Израел ќе дејствува во Сирија, според потребите на својата безбедност, рече израелскиот премиер.

Во саботата американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин ги потврдија заедничките напори за стабилизирање на Сирија, вклучувајќи го и проширувањето на примирјето од 7 јули на југозападниот дел на земјата што се граничи со Израел и Јордан.

Израел се обидува да ги убеди Русија и САД да не дозволат Иран, либанскиот Хезболах и другите шиитски паравоени групи да формираат постојани бази во Сирија и да ги држат нивните припадници подалеку од границата на Голанската Височина, додека во исто време ги зајакнуваат своите позиции и и му помагаат на Дамаск да се справи со бунтовниците.

Израелските Вооружени сили соопштија дека презеле околу 100 напади на територијата на Сирија, насочени кон членови на Хезболах или ирански складишта за оружје или како одговор на ракетни напади од делови на Голанската Висорамнина под сириска контрола.