Свет
29. October 2015 - 11:31

Неочекуваните монсунски дождови го чистат загадениот воздух во Југоисточна Азија

Обилни монсунски дождови, кои од ноќта меѓу средата и четвртокот почнаа да паѓаат во регионот на југоисточна Азија, зафатен со илјадници пожари, донесоа голема радост меѓу населението на Индонезија, Малезија, Сингапур, Филипините и Тајланд. Обилните монсунски дождови го чистат воздухот од големата концентрација на нездрави честички за дишење, а ќе помогнат да се гаснат пожариете на островите Суматра и Калимантан.

Најоптимистичка најава дојде од институтот за метеорологија од Малезија, кој прогласи дека конечно и дефинитивно во регионот започнала сезоната на монсунски дождови. Според прогнозите, долготрајната суша во југоисточна Азија се закануваше да потрае до крајот на годинава. Се радуваат и Индонезијците кои со недели ангажираа противпожарни сили и апарати на земјата и во воздухот, но ја губеа битката со стихијата.

Од над 16.000 пожари, регистрирани со сателити од НАСА од средината на јули, до вчера беше загрозен секојдневниот живот на над 60 милиони жители во регионот. Најлоши последици имаше Индонезија, каде што се регистрирани повеќе од 120.000 заболени поради дишење нечист воздух, а како директна последица се регистрирани 19 смртни случаи.

Светскиот Институт за природни извори, со седиште во САД, пред неколку дена соопшти дека според количествата на чад од пожарите во Индонезија, што влегле во атмосферата имало повеќе штетни гасови од колку што во една година ги предизвикуваат САД, втората држава на листата на „произведувачи“ на гасовите што го прават ефектот на стаклената градина.

Индонезија, која дури пред две недели, прифати меѓународна помош во гаснењето на пожарите, најави дека покрај природните ќе прави и вештачки дождови, за што е поволна и денешната густина на облаците.

Иако сите се радуваат на монсунските дождови, дел од експертите укажуваат дела тие дошле ненадејно, како ефект на метеоролшкиот феномен Ел Нињо. Чудните игри на овој феномен, кој во непрецизни термини ги условува временските прилики на двата брега на Тихиот океан, според експертите, треба да бидат мотив пожарите во Индонезија да се изгаснат максимално, а што е поважно, да се спречи појава на нови жаришта.