Македонија
16. July 2025 - 16:41

Нема вода во делови од Скопје, Водовод алармира за енормна потрошувачка

Додека едни уриваат рекорди со трошење, други немаат вода ни за да измијат раце – Скопје се соочува со се поголем притисок врз водоводната мрежа. Прекумерната потрошувачка од полевање бавчи и дворови, полнењето базени, но и дивите приклучоци оставаат делови од градот со слаб притисок или без вода. Во исто време, водата од Рашче се намалува. Изминатите зими без снег и долгите летни суши влијаат на обновата на природните извори, велат од Водовод.

„Изворот Рашче и двете бунарски подрачја Лепенец и Нерези се природни, каптирани подземни извори и во овој момент е намалена и издашноста на Рашче. Се користат максимално сите бунари, односно работиме со два бунари од двете бунарските подрачја од Лепенец и Нерези, работиме со пет бунари и сето тоа допринесува дека во моментот се троши околу 4 илјади литри вода во секунда“ - Дејан Димовски, раководител на ЕОК

Претпријатието не размислува за рестрикции. Според Димовски прекини се случуваат оти на еден совесен потрошувач има најмалку тројца неодговорни трошаџии.

„Во Скопје е забележително нелогично однесување за главен град кој сака да биде цивилизирана метропола, каде што луѓето после 18 часот прскаат асфалт, односно ја полеваат улицата и не можам да разберам зошто“ - Дејан Димовски, раководител на ЕОК

Откако жителите на Автокоманда речиси цел месец имаат недостиг на вода, Општина Гази Баба донесе одлука за едногодишен мораториум на градби. Градоначалникот вели дека со новите објекти пораснал бројот на жители, а со тоа и притисокот врз мрежата.

„Апелирам и барам, Град Скопје и ЈП Водовод и канализација итно да преземат мерки во насока на надминување на проблемот со недостатокот на вода во урбаниот дел од општината и тоа во Автокоманда, Железара, Маџари, Ченто и Хиподром“, напиша Стефковски на ФБ.

Од Водовод мерката ја оценија како добра, но нагласија дека не може да помогне моментално.

„Тоа не може да даде решавање на проблемот со стабилно водоснабдување одма и сега. Тоа може да биде добро решение и еве апелирам сите општини да го следат предлогот на градоначалникот за да се направи мораториум за нови градби, бидејќи секоја нова градба повлекува нова водоснабдителна инфраструктура“ – Дејан Димовски, раководител на ЕОК.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, вели „жално е до кое дереџе го донесе Данела Арсовска градот. Доколку 4 години се позанимаваше со водоводната мрежа, и со обновување на истата не само што ќе немаше проблем со притисокот, туку и големи загуби кои ги има сега, немаше да ги има“.

Од Градот Скопје возвратија: „ВМРО-ДПМНЕ кога обвинува за недостаток на вода, заборава да додаде дека токму полициските службеници на Панче Тошковски од МВР се фатени за диви приклучоци на мрежата во Шуто Оризари и за истите МВР по службена должност нема поднесено кривична пријава за кражба. Во услови на фатени и спречени 30 нови диви приклучоци секој ден, некој се уште глуми политички загриженост“, стои меѓудругото во реакцијата.