Македонија
30. April 2025 - 16:45

Нема оставка од антикорупционерката

Ни збор за оставка од претседателката на Антикорупциска. По пет дена молк, Татјана Димитровска во писмено соопштение потврди дека комуницирала со поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, за кого вели дека е семеен пријател. Но Димитровска тврди дека тој дури по комуникацијата добил притвор и статус на осомничен во случајот „Адитив“. 

Димитровска тврди, кредибилитетот и интегритетот на Државната комисија за спречување на корупцијата во никој случај не смее да биде оспорен. 

- Од соопштението од ОЈО за ГОКК се согледува дека нашата комуникација траела до декември 2024 година, или пред да му е изречена мерка притвор по оваа мерка кон него, јас престанувам со комуникација. Содржината на комуникацијата се однесува на разговори без никаква поврзаност со случајот предметот „Адитив“. Дел од споделените информации се однесуваат на јавни документи чија содржина пред нашата комуникација е објавена во јавност, а останатиот дел е вообичаена пријателска комуникација. За оваа моја комуникација изразувам жалење и укажувам дека е направена без никаква намера да влијаам на постапката или на било кој аспект на истрагата. Ова го тврдам одговорно, вели Димитровска.

Уверува дека целосно ќе соработува со истражните органи, но и дека во целост ќе ги испочитува мерките на претпазливост кои и ги додели судот. 

Во ДКСК во тек е постапка за проверка на имотната состојба на Стојановиќ. Електронскиот систем за распределба предметот го доделил на друг антикорупционер. Димитриевска тврди дека немала никаква можност како да влијае ниту врз постапката, ниту врз исходот бидејќи одлуките во Антикорупциска се носат со мнозинство. 

Ниту другите членови на ДКСК не се чувствуваат повикани да поднесат оставки. Заменичката на Димитровска, Билјана Каракашова-Шулев во интервју за „Призма“ вели дека ситуацијата е деликатна, а членовите вложувале максимални напори за да ја надминат внатре во институцијата.

Прашана дали членовите размислувале да направат проверки на предметите што се сработени откако Димитровска е на чело на институцијата Каракашова-Шулев вели дека нема потреба да се проверуваат одлуките што се донесени колективно на јавна седница. 

-Во моментов цениме дека на оние одлуки што се донесени колективно од комисијата на јавна седница нема потреба да им правиме проверка затоа што и во моментов немаме подетални информации од оние што се објавени во јавноста. Конкретниот настан е во надлежност на правосудните органи и тие мора да го расчистат случајот, а ние во меѓувреме ќе работиме на внатрешни контролни и превентивни механизми, вели Каракашова-Шулев.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ја сомничи Димитровска за оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино кој е осомничен во случајот „Адитив“. Предметот произлезе од новинарско истражување и се однесува за набавка на хемиски препратаи против згура и троска за термолекетраните РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. Во „Адитив“ опфатени се вкупно 34 физички и пет правни лица. Тие се сомничат дека набавките ги правеле по нереално високи цени со што направиле штета врз Буџетот.