Нема договор за декларацијата за значењето на Гоце Делчев
Ден петти од партиските кавги околу Гоце Делчев. Главна причина – несогласувањето со декларацијата поднесена од ВМРО ДПМНЕ, со која опозицијата во Собранието бара афирмирација на улогата и значењето на Делчев.
ВМРО ДПМНЕ прашува, што е спорно за СДСМ во декларацијата? Нејзиното усвојување ќе го обедини народот, но власта го прави токму спротивното, обвинуваат од најголемата опозициска партија.
“За жал, не само што не се обедини, туку и го дели народот по оваа тема. Тоа отвора сериозен сомнеж дека Ковачевски преговара за Гоце Делчев, а со тоа и за целокупната револуционерна борба за македонска државност. Ги повикуваме СДСМ да се вразумат и сериозно да ја прочитаат Декларацијата”
За владејачката партија декларацијата е неприфатлива. Велат дека со неа ВМРО-ДПМНЕ нанесува штета на ликот и делото на Делчев, нарекувајќи го потегот на опозоцијата дилетантски.
“Декларацијата е нивно политичко подметнување со цел да се продлабочат поделбите меѓу граѓаните. Оваа безидејна партија е против нашите евроинтеграции, во нивен стил повторно ја промашија темата. Бранат нешто што не е нападнато и со тоа покажуваат колку се исплашени и несигурни”
Против декларацијата е и шефот на дипломатијата Османи. Смета дека таа не враќа назад во процесот на преговори со Бугарија, за чиј тек денеска ги брифирал евроамбасадорите во земјава.
„Не отстапуваме од нашата амбиција да продолжиме со надворешната интеграција со нашето најблиско соседство, кое посакуваме да резултира со стабилни и квалитетни добрососедски односи, со потенцијал да преминат во трајно пријателство со силна меѓусебна доверба“, истакнал Османи.
Преговорите Скопје – Софија продолжуваат в четврток или петок во Софија, кога двете министерства за надворешни работи ќе го опфатат политичкиот пакет прашања.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
