Живот
5. January 2020 - 15:22

Некрстени денови: Од Божиќ па се до Водици овие работи никако не смеете да ги правите!

Од 7 јануари, па се до Богојавление се некрстените денови, кога по земјата шетаат духови, лоши сили и демони: караконџоли, тарамбаба, гревогазец, ѓаволица, чума и колера. И водите тогаш се нечисти.

Божиќ, денот на раѓањето на Исус Христос, христијанскиот свет го прифатил како почеток на Новата година. Од денот на Христовото раѓање, 25 декември по Грегоријанскиот или 7 јануари по Јулијанскиот календар, па се до Богојавление 6 јануари по новиот или 19 јануари по стариот календар се некрстените денови.

Денови кога по земјата шетаат духови, лоши сили и демони: караконџоли, тарамбаба, гревогазец, ѓаволица, чума и колера. И водите тогаш се нечисти, опседнати со лоши духови. Водата во овие некрстени денови е леунка, вели народот, крстот е врзан, немоќен, нема сила да ги протера духовите.

Во овие дванаесет некрстени денови луѓето се маскираат и ги изведуваат игрите под маски и тоа на Бадник и по него, пред Василица (Стара нова година), а и речиси сите останати денови до Водици. Игрите под маски најпознати како џамаларски, но и: бабари, василичари, мечкари, ајти, русалии… се изведуваат за да се избркаат лошите сили и демони. Луѓето веруваат дека со маските каде задолжително составни елементи се sвонците, клопотарците, стаповите, гајдите и тапаните што прават врева ќе ги исплашат демоните и тие ќе ја напуштат земјата.

Настанувањето на овие дванаесет дена се објаснува со разликата меѓу сончевата и месечевата година која изнесува точно дванаесет дена. Денови во кои завршува зимската краткодневица и се раѓа новото Сонце.

Коледарските и василичарските обреди под маски ги изведуваат група од млади момчиња кои се маскираат. Нив ги предводи повозрасен маж со потврдена плодоносна моќ, кој има голем и здрав род зад себе и кој е познат женкар. Младите ергени што достигнале одредена возраст 16 – 19 години мора да поминат низ овие обредни игри. Низ игрите требало да се покажат, преобразат и формираат во возрасни мажи, зрели за женење.

Маскирањето започнува откако ќе се запали голем оган, а околу него се пие и се пеат и кажуваат безобразни, т.н. мрсни песни што треба да ја подгреат атмосферата со еротски набој. Најзначајно место во групата имаат маските на зетот и на невестата. Маската на невестата треба да е многу добро направена за никој да не ја познае. Особено значење се посветува на градите и задникот кои треба да бидат големи за да предизвикуваат сексуални желби, со што се поттикнува целата природа и човекот на плодност. Често невестата е бремена или држи мало бебе.

Игрите под маски што се изведуваат во дванаесетте некрстени денови завршуваат на Водици 19 јануари, денот на Христовото крштевање.

На овој ден во сите води ритуално се фрла крстот, што го означува крштевањето. Ослободениот крст има сила да ги гони лошите сили и демони да не доаѓаат на земјата, туку да си седат во нивното царство на темнината.

Народни верувања

Се верува дека во овој период не треба да се излегува навечер, а ако баш мора со себе да се носи лук, крст или некој остар предмет.

Се верувало дека во некрстените денови не се преде, не се ткае и не се пере.

Надвор пак не се остава ништо бело, а посебно не детска облека бидејќи злите сили би можеле да им наштетат на децата.