Македонија
1. February 2019 - 18:54

Неисчистен оџак опожари кров на куќа во делчевската населба Милково Брдо

Брзата интервенција на Територијалната против пожарна единица од Делчево денес спречи пожар од поголеми размери на улицата „Св.Климент Охридски“ во Делчево. Според информациите на дежурната екипа, пожарот избувнал во утринските часови по 8 часот, при што бил зафатен кров и дел од оџакот на семејна куќа во населбата „Милково Брдо“. Гасењето на пожарот, како што информираат од ТППЕ Делчево, траело околу еден и пол час, а во акцијата учествувале пет пожарникари со две возила.

-Ситуацијата при гаснењето на пожарот беше многу напната. Вложивме натчовечки напори за акцијата да заврши без посериозни последици. Милково Брдо е населба од збиен тип и постоеше опасност пожарот да се прошири на околните куќи, но за среќа такво нешто беше спречено. Имајќи предвид дека во пожарот беше зафатен дел од оџакот, можно е токму тоа да е причината за опожарувањето, соопштија од ТППЕ Делчево.
 
Од делчевската Територијална против пожарна единица апелираат граѓаните редовно да ги чистат оџаците, бидејќи во овој период најголема опасност по безбедноста на имотот и животот на граѓаните доаѓа токму од запалените оџаци.
 
Ова е втора интервенција на делчевските пожарникари кои пред неполни две недели интервенираа во акција на запалено возило во центарот на градот.