Македонија
4. August 2022 - 16:34

Назнаката „тајна“ не дозволува одговор на прашањето дали Сухоите одлетаа за Украина

Строга воена тајна. Како и за македонските тенкови, оваа формулација важи и за прашањето дали и четирите Сухои, кои Македонија ги користеше за време на конфликтот од 2001 година, заминаа под украинска команда. Од Министерството за одбрана ниту потврдуваат, ниту ги демантираат информациите кои ги пренесе порталот МКД.МК, дека борбените авиони заминале за Украина и дека донацијата се случила во изминатите денови.

Откако претходно на социјалните мрежи се појавија снимки на кои се гледа транспорт на тенкови, Министерството практично ја потврди информацијата дека станува збор за една од трите одлуки на Владата, со која, како што велат, на Украина и се донира одредена количина од овие капацитети кои им се неопходни за нивни потреби.

Македонската армија се ослободува од половина век старите тенкови и авиони, но што добива најновата НАТО членка за возврат? Се модернизира ли војската, согласно со високите стандарди на Алијансата?

Од Одбрана велат дека интензивно се работи на планот за модерна АРМ, а прв и најголем чекор во таа насока се лесните околопни возила СТРАЈКЕР.

“Имајќи ги предвид НАТО-одбранбеното планирање и Планот за модернизација и опремување на Армијата, во тек е проект „Набавка на лесни оклопни возила на тркала“, согласно со договорот со американската Влада, кој е започнат во 2019 година. Пред неколку дена пристигна и испораката на првите шест возила во рамките на овој проект. Оваа испорака претставува сериозен исчекор во процесот на модернизација и опремување на Армијата согласно НАТО стандардите и ќе бидат поддршка на Лесната пешадиска баталјонска група во Штип, која воедно е наша НАТО единица”, соопштија од Министерството.

Она што е сигурно е дека Македонија нема да добие нов тенковски баталјон, бидејќи тоа не е во согласност со Долгорочниот план за развој на одбранбените способности, каде што се наведува дека нема да се инвестираат дополнителни средства во модернизација и опремување во тенковски капацитети.

Што се однесува до македонското небо, пак, него, наместо четирите Сухоите кои се приземјени од 2004 година, го покриваат грчките воени авиони согласно со договорот во НАТО.