Македонија
31. March 2018 - 9:14

Напредок има, тешките прашања остануваат

Напредок во разговорите има, но остануваат потешките прашања. Тие, како што напредуваат разговорите испливуваат на површина и треба да се доусогласат. Постигнатото дава надеж за оптимизам за постигнување евентуално компромисно решение.

Ова се дел од констатациите на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас и медијаторот во спорот Метју Нимиц, по вчерашната рунда разговори во Виена. 

ДИМИТРОВ НИМИЦ КОЅИЈАС

- Има условен напредок во преговорите, бидејќи  како одиме напред  доаѓаме до потешките прашања. И од нашата страна и од нивната страна имаме доста за размислување, и за мерење. Работевме по логиката што е тоа што е најважно за едната страна и за другата страна и дали можеме во компромисот кон кој се движиме да ги покриеме двете работи. Меѓутоа не зачудува што колку отворено и поконкретно чекориме кон решение, така и тешкотиите излегуваат се повеќе на виделина, изјави по средбата Димитров.

Според Нимиц, има позитивен напредок во преговорите, но сепак остануваат тешки прашања што треба да се надминат.

- И двајцата министри се фокусираат на дологорочните односи, на стабилноста во регионот, на важноста од добри односи помеѓу двете земји и имам надеж дека ќе продолжиме да работиме со овој позитивен пристап, додаде Нимиц.

димитров - нимиц - коѕијас виена

Состанокот, рече, бил продуктивен што го наведува да биде оптимист за иднината.

Коѕијас, пак, по средбата изјави дека се надева оти на следната средба ќе бидат подготвени да направат голем чекор.

- Ги забележавме деталите, што е она за што се согласуваме, а за што не се согласуваме. Ги имаме обележано главните прашања за секоја страна и се на надевам дека на нашата следна средба ќе бидеме подготвени да направиме еден голем чекор, рече шефот на грчката дипломатија во изјавата за ЕРТ.

Никос Коѕијас додаде дека паралелно со разговорите за името, направена е и позитивна агенда за во иднина, за соработка на двете држави, „доколку, како што се надевам, се реши името“.

Грчко МНР Соопштение автопат

Грчкото МНР по средбата во Виена демантираше натписи во медиумите дека Скопје е подготвено за уставни промени, јави допосничката на МИА од Атина.

- Никаков дипломатски или друг грчки извор не рече дека скопската страна изјави дека е на располагање да направи одредени промени во Уставот на земјата. Конкретното споменување е намерна провокација од страна на секој медиум што ја пренесе конкретната информација, пишува во соопштението од грчкото МНР.

Димитров твит грција

По демантот на грчкото МНР дека македонската страна се согласила на промени на Уставот, и министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров се огласи на Твитер, велејќи дека преговорите за името се во деликатна фаза и оти шпекулациите се штетни.

- Процесот за спорот за името е во деликатна фаза и шпекулациите од одредени медиуми се штетни. Јас стојам на моето јавно соопштение и ја информирам јавноста дека не сум дал дополнителни неформални изјави, објави Димитров на Твитер.