Македонија
2. March 2024 - 17:03

Нападната медицинска сестра

Стружанец нападнал медицинска сестра оти му рекла да ја изгасне цигарата, ја удрил со нога во стомакот.

Основното јавно обвинителство Струга поведе постапка против 52-годишен жител на Велешта за кого постои сомнение дека сторил кривично дело – Напад врз здравствен работник и здравствен соработник при вршење здравствена дејност.

- Осомничениот на 29 февруари физички нападнал медицинска сестра на Одделот за хирургија при ЈЗУ Општа болница Струга која побарала од него да ја изгаси цигарата. Агресивно се однесувал кон неа и ја навредувал, а потоа со нога ја удрил во стомакот по што избегал - стои во соопштението на основното јавно обвинителство Струга.

Лицето кое ја нападначо медицинската сестра било пронајдено и лишено од слобода следниот ден.

- Со оглед на тоа што ваквото однесување на осомничениот ја потврдува опасноста тој да се даде повторно во бегство за да го избегне кривичниот прогон, а и поради опасноста тој да го повтори делото и да ја нападне медицинската сестра, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор - велат од основното јавно обвинителство.

Инаку ова не е прв случај на напад на здравствен работник во Струга, пред само неколку дена медицински сестри и лекар од хируршкото одделение во струшката општа болница беа нападнати на своето работно место од лице кое насилно влегло во објектот.