Наместо да свика итна седница за мерки, Владата се шета во Брисел на прослави, вели Филипче
Пакетот закони со антикризни мерки на СДСМ денеска патува до Собранието. Опозицијата предлага намалување на акцизата за гориво и ДДВ-то на основните прехранбени производи, како и преполовување на цените за патарини. Наместо да се свика итна владина седница за донесување мерки, владата се шета во Брисел на прослави, вели Филипче.
- Кога граѓаните утре нема да можат да ги платат ниту надуените сметки за струја, кога нема да можат да обезбедат ниту една, ниту пола потрошувачка, како што и сега не можат, треба да се сетат дека човекот што е сега премиер беше зафатен со тоа што беше на прослава 50 години на ЕПП. Апелираме на оваа ненародна корумпирана власт овие закони да ги прифати за да им се излезе во пресрет на потребите, реалните потреби на граѓаните – кажа лидерот на СДСМ, Филипче.
Навикнати сме од Филипче и СДС да слушаме разни демагогии и празни флоскули, му одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.
- Горивата доаѓаат од речиси исто место од светот, а ние како една мала држава, имаме најниски цени на горивата во регионот и пошироко. Граѓаните од околните држави, доаѓаат во пограничните места во Македонија за да полнат горива. Дополнително, горивата се намалија за 2 денари поради заложбите на Владата со компаниите. Доколку Филипче и СДС беа сериозни во намерите, уште првиот ден ќе поднесеа предлог-закони во собранието, а не 3 дена да најавуваат и да свикуваат прес-конференции, небаре промовираат концерт на Харис Џиновиќ – велат од владејачката партија.
Во меѓувреме, Сојузот на синдикати пресмета дека месецов на четиричлено семејство му треба уште една петстотка за да ги покрие најосновните трошоци. Најголем дел од домашниот буџет се троши за јадење и пиење – над 25 илјади денари, а во споредба со февруари, сега, според синдикатот, се потребни 136 денари плус. Сепак, најголем скок од 250 денари има кај транспортот, заради поскапото гориво. Од почетокот на годинава досега, дизелот поскапел за речиси 30 денари.
Регионот веќе презема мерки. Владата на Србија денеска ја продолжи забраната за извоз на деривати до 2 април. Ќе се ослободат и 40 илјади тони дизел од српските резерви. Вучиќ свика и вонредна седница на Советот за национална безбедност. Се разгледува дополнително намалување на акцизите, откако минатата недела ги намалија за 20%. Словенија воведе ограничување до 30 литри по точење, а Словачка определи повисоки цени за странци. Итни мерки донесоа и Хрватска, Грција и Бугарија.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
