Намален бројот на сообраќајки, прекршоците не стивнуваат
Без заострување на казните, нема да има намалување на бројот на сообраќајни прекршоци. Илјадниците казни напишани за само еден месец го смалиле бројот на незгоди, ама не влијаеле врз сообраќајната култура, сметаат експертите.. И покрај засилените полициски контроли, велат, незгоди во кои жртви се пешаците, се уште има.
„Ефект од целата работа на МВР има, меѓутоа, тоа е лечење на последици. Не се таргетира изворот на проблемите, а изворот претставува лошата законска регулатива. Бројот на намалени сообраќајни незгоди е само како последица на зголеменото внимание на возачите и пешаците, затоа што знаат дека има зголемено присуство на припадници на МВР и се однесуваат малку повнимателно во сообраќајот. Но, бројот на прекршители на сообраќајните правила и прописи не се намалува“.
Статиската на МВР покажува дека минатиот месец, секој ден се регистрирани по близу 900 сообраќајни прекршоци. Најчесто се возело со брзина поголема од дозволената, зад управувачот седеле и лица без положен возачки испит, пијани или разговарале на мобилен.. Казни заработиле и пешаци.. Според експертите, дел од овие прекршоци, нема да ги спречат ниту камерите кои со работа ќе почнат идната година.
„Бројот на казни ќе се зголеми многукратно, но тоа ќе биде само еден пик кој ќе биде во почетокот кога системот ќе биде активиран дека луѓето се уште не се навикнат на системот, потоа тој пик ќе опадне. Тука ќе бидат казни од типот, црвено светло и голема брзина, а казните од типот на немање возачка дозвола и алкохол тоа нема да биде опфатено“, вели Трпевски.
Заостарување на казнената политика според експертите е клучно за поголема безбедност во сообраќајот.
„Одреден број прекршоци да се криминализираат. Управување возило без возачка дозвола, немате денеска казна за тоа. Значи,ќе му дадете 500 евра казна и толку. Тој ќе ја плати таа казна 500 евра и продолжува да го прави истото. Значи немаме реперкусија која ќе биде соодветна и која што ќе делува со одвраќање на лицето кое сака да го направи тој прекршок“, вели Трпевски.
Во меѓувреме, Јавното обвинителстство издаде насоки до МВР за поголема ефикасност во кривичен прогон на возачите кои возат пијани, минуваат на црвено или возат во спротивен правец. За такви прекршоци, полицијата веднаш ќе го информира обвинителство кое во рок од 24 часа одлучува какви мерки за обезбедување ќе превземе кон возачот.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар