Македонија
5. November 2023 - 16:32

Намален бројот на нелегален транзит на мигранти низ Македонија

Македонија и понатаму останува една од главните транзит дестинации за мигрантите, но во помал обем во однос на претходните години. 

Бројот на илегалните преминувања годинава е за околу 50 проценти помал за разлики на лани. За девет месеци пограничните служби спречиле околу 11.000 обиди за нелегален премин, за разлика од претходните две години кога во 2022 биле спречени  27. 394 обиди и 20.874 во 2021. Границата со Грција и понатаму е главно влезно место за мигрантите , додека во најголемиот број случаи Србија се користи за излез од државата.

Топ петте земји кои доминираат со најголем број спречени обиди се Сирија, Мароко, Авганистан, Пакистан, но има и лица без државјанство.

Од јануари до септември полицијата открила и 77 случаи во кои имало обид да бидат прокриумчарени 786 мигранти.

Во истиот период, против 72 лица биле преземени мерки на кривичен за сторени 66 кривични дела криумчарење на мигранти. Од нив,  осум кривични дела се соизвршителство, а две помагање.

Лани во текот на цела година биле откриени 107 случаи на криумчарење за што кривично се пријавени 122 лица. 2021 овие бројки биле речиси двојно помали, односно полицијата открила 64 случаи на криумчарење и преземени мерки на кривичен прогон против 77 лица.

Според земјата на потекло на криумчарени мигранти доминираат лицата со потекло од Сирија, Пакистан, Авганистан и во помал број од други земји.