Најстарото културно-уметничко друштво одбележа 75 години постоење
КУД „Мирче Ацев“ од Прилеп синоќа го одржа својот јубилеен концерт по повод 75 години постоење на друштвото, кое за 2 години е постаро дури и од Танец. Друштвото е формирано во далечната 1947 година, во месец април, на иницијатива на работниците во прилепскиот Тутунски комбинат, но потоа кон него можеле да се придружат и луѓе кои не работат во Комбинатот. Денес тоа е едно од најдобрите промотори на нашиот фолклор низ светот.
„Презентирање на традиционаните игри и песни буквално на сите континенти на светот. Ние сме амбасадори кои навистина достојно ја презентираме традиционалната носија, игри и песни“, истакна Горан Василески, претседател на КУД „Мирче Ацев“ – Прилеп.
За овие 75 години досега во друштвото поминале над 4.000 членови. Младите кои сега се дел од ова друштво велат дека се особено горди што ја презентираат македонската култура и фолклор насекаде низ светот.
„Имаме многу богат фолклор, имаме и деца кои играат, имаме многу добра музика и носии и сето тоа е убаво само да има луѓе кои ќе го претстават тоа во и надвор од Македонија“, рече Филип Талески, член на КУД „Мирче Ацев“ – Прилеп.
„Во сите држави каде што досега сме гостуваале секогаш со гордост сме го претставувале фолклорот, секогаш ни се восхитувале на нашата носија, на нашата игра, на ритамот, на македонскиот фолклор“, додаде Елена Николоска, член на КУД „Мирче Ацев“ – Прилеп.
За овој значаен јубилеј пред публиката се претставија и гости од Србија.
„Убаво е што се запознаваме со други луѓе, ја чуваме традицијата, се дружиме, многу е убаво“, рече Тијана Јуришиќ, КУД „Змај“ од Ириг, Србија.
Токму овие културно уметнички друштва и овие млади луѓе се доказ дека македонската традиција и фолклор се се уште живи и дека и понатаму ќе се пренесуваат од генерација на генерација.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар