Најмногу пари од унгарскиот кредит општините ќе потрошат за патишта
Вкупно 63 општини со 450 проекти се пријавиле на вториот повик за финансирање на инфраструктурни проекти со пари од унгарскиот кредит. Најголем дел од апликациите се за реконструкција или изградба на патишта.
„Од досегашните 450 апликативни формулари кои се пристигнати заклучно со вчерашниот ден, повеќе од 330 проекти се однесуваат на подобрување на патната инфраструктура. Има и проекти кои се за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во делот на животната средина, изградба на училишта, градинки спортски сали“ – Златко Перински, министер за локална самоуправа
Рокот за пријави истекува на 30 април. Досега 36 општини веќе побарале пари колку што им следува, а 27 може уште да поднесат барања. 17 општини, пак, не доставиле ништо. Меѓу нив се Битола, Струга, Центар, Сарај, Чаир...
На располагање се ставени околу 250 милиони евра.
Крајниот датум за изведба на проектите ги одредуваат самите општини.
„Од првиот јавен повик 251 проект е со склучен договор, 140 се веќе воведени во работа, 30 се целосно завршени, 33 се во постапка на тендерирање и само за четири воопшто не е започната постапка“ – Златко Перински, министер за локална самоуправа
На првиот повик беа одобрени 288 проекти на 78 општини со вкупна вредност од над 73 милиони евра.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар