Свет
13. November 2015 - 8:28

Најмалку 43 загинати во нападот во Бејрут

Најмалку 43 лица загинаа во двоен напад на бомбаш самоубиец пред шопинг центарот Бурџ ал Бараџех во јужното предградие на Бејрут, упориште на шиитското движење Хезболах, јави Си-Ен-Ен.

Одговорноста за нападот ја презеде Исламска држава.

Повредени се најмалку 239 луѓе, од кои многу се во критична состојба.

Експлозијата се случи вчера, во 18 часот по локално време.

Локалните згради се значително оштетени, а во блиските продавници можат да се видат телата на загинатите.

Ова е прва експлозија во бејрутските јужни предградија од јуни 2014, кога бомбаш самоубиец активираше експлозив и уби полицаец кој се обиде да го запре неговиот автомобил.

Меѓу јули 2013 и февруари 2014, меѓутоа, регистрирани се девет напади на упориштата на Хезболах во Либан.