Свет
4. February 2016 - 12:06

Најџел Фараж го спореди Камерон со Оливер Твист

Лидерот на британската антиевропска Партија на независнсноста на Обединетото Кралство (УКИП), Најџел Фараж го спореди британскиот премиер Дејвид Камерон со Оливер Твист од истоимениот роман на Чарлс Дикенс.

Фараж е најостриот противник на ЕУ и на европските интеграции на британската политичка сцена, иако е европратеник.

Тој и неговата партија бараат од Владата во Лондон, Велика Британија да не води никакви преговори со Брисел за идниот статус на земјата во Унијата, ниту да организира референдум, туку веднаш да ја напушти ЕУ.

Според Фараж, договорот што го постигнаа премиерот Камерон и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск е „гротескна работа“, а документот што Лондон го означува како прогрес во британските барања за реформирање на Унијата, за овој британски политичар не вреди ништо.

- За мене е понижувачки да се гледа како еден британски премиер патува во Брисел, наликувајќи на Оливер Твист од романот на Дикенс, рече Фараж во дебата во Европскиот Парламент посветена на британско-европскиот нацрт-договор, алудирајќи на честите патувања на Камерон во Брисел во поселедната фаза од преговорите.

Ова не е првпат лидерот на УКИП да настапува во Европарламентот арогантно, исмевајќи ги и непочитувајќи ги европските институции и инсистирајќи на англиската „посебност“.

Фараж е поранешен ториевец и припадник на крајното десно крило на Конзервативната партија, кои со неколкумина свои истомисленици ја формираа УКИП, која од почетокот настапува од антиевропска позиција.

Некогаш маргиналната партија под водството на Фараж успеа да победи на последните евроизбори, а тој да стане европраеник.

Неговата тврда анти-ЕУ реторика ги исплаши конзервативците од десницата и нејзините евроскептици, дека УКИП на парламентарните избори би можела да повлече на своја страна поголем дел од ториевските гласачи.

Тоа предизвика заострување на политиката на Камерон и неговата, главно,евроскептична Влада кон Брисел и кон ЕУ.

Свртувањето дојде до израз, како последица на должничката криза, на банкротот на грчката економија и кризата со еврото, откако стана јасно дека ЕУ дејствува во две насоки - едната на земјите од еврозоната и другата на државите кои не се или (како Британија) не сакаат да бидат дел од Европската монетарна унија (ЕМУ).

Притиснат силно од десницата во своите редови и од забрзаниот подем на УКИП кај евроскпетичниот дел од британските гласачи, Камерон побара нови преговори со Брисел заканувајќи се со напуштање на ЕУ.

На последните парламентарни избори во Велика Британија, во мај 2015 година, УКИП, меѓутоа, доживеа целосен неуспех. Партјата освои само едно пратеничко место, додека Фараж не успеа да стане британски пратеник. Тој поднесе оставка на местото партиски лидер по понижувачкиот пораз, но набрзо потоа го промени мислењето и ја повлече оставката.