Бизнис
15. December 2015 - 16:31

Најавите за странски инвестиции на владата се исполнуваат

Околу 150 милиони евра годишен извоз се очекува од инвестицијата на американската компанија Делфај во финалната фаза. Се работи за еден од најголемите добавувачи на електроника во автомобилскиот сектор со кој вчера владата потпиша договор за инвестицијата во зоната Бунарџик.

Заедно со Џонсон Контролс во Струмица, ова е една од двете странски инвестиции кои премиерот ги најави пред два месеци.

Компанијата соопшти дека клучните фактори за инвестирање во Македонија се поволната бизнис клима, квалификуваната работна сила и одличната инфраструкура во технолошко индустриските развојни зони.

Делфај оперира во 126 фабрики во 33 земји и вработува над 164 илјади луѓе ширум светот. Испорачува електронски и сигурносни технологии за 18 од 20-те најголеми производители на возила во Европа.