Надзорна собраниска расправа за поплавите од 6-ти август
Начинот на кој треба да се распределат 15-те минути предвидени за испрашување на еден сведок, предизвика недоразбирања и расправии меѓу пратениците од власта и опозицијата на денешната надзорна расправа на собраниската Комисија за земјоделство за поплавите во Скопско на 6-ти август годинава.
Расправата почна, но по неполни 20 минути владејачкото мнозинство побара едночасовна пауза откако Љупчо Димовски од СПМ обвини дека временската рамка за сослушување на сведоците е несоодветна и овозможува опозицијата да ја злоупотреби.
- За нас не се прифатливи начинот и временската рамка за сослушување на сведоците, зашто на овој начин нема да се дознае вистината и дополнително опозицијата ќе може да го злоупотреби времето на одговорот кој сведокот го има според деловникот, рече Димовски.
Откако продолжи седницата, беше побарана получасовна пауза од ДУИ. По ова, СДСМ ја обвини власта дека се обидува да го спречи одржувањето на надзорната расправа за никој од надлежните да не понесе одговорност за последиците предизвикани од поплавите.
Во воведниот збор, претседателот на собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и восостопанство Панче Орцев истакна дека целта на Надзорната комисија е да се утврди одговорноста и да се лоцираат пропустите на институциите. - Досега никој не кажа дека се чувствува виновен, што не значи дека не треба да се лоцираат пропустите и одговорноста која треба да се понесе, рече Орцев.
Расправата на Надзорната комисија е по барање на пратениците од СДСМ, членови на Комисијата за земјоделство. Според планираното, треба ќе бидат сослушани 30 сегашни и поранешни функционери, меѓу кои и четворица поранешни премиери во чии мандати беше градена скопската обиколница од 2002 до 2006 година.
Предвидено е сведоците да имаат пет минути за исказ и 10 минути да одговараат на прашања.
Во Собранието се присутни вицепремиерот Никола Тодоров, како шеф на Кризниот штаб на Владата, директорот на УХМР Оливер Ромевски, министерот за земјоделство Михаил Цветков, директорот на „Скопско Поле“ Тони Мартиновски, директорот на „Македонски шуми“ Жарко Караџоски, градоначалниците на Скопје и на општина Гази Баба, Коце Трајановски и Тони Трајковски, кои треба да бидат сослушани денеска.
По барање на пратениците на СДСМ покана е испратена и до лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, додека пратениците на ВМРО ДПМНЕ на сведочење ги повикаа поранешните премиери Бранко Црвенковски, Хари Костов и Владо Бучковски.
Ново на Сител
-
Од 15 ноември задолжително поседување зимска опрема
-
Околу 350 деца Роми ќе бидат згрижени бесплатно во јавните градинки во 21 општина
-
Приведен вработен во ЈП Национални шуми - Добивал по 200 евра месечно за дозволи за сеча на дрва
-
ЦУ: Спречени обиди за криумчарење кокаин, цигари, облека и нелегален изнес на девизи
-
Приведени крадци од Боговиње
-
Изгаснат пожарот во Бутел 1, опожарен и дел од кровната конструкција на соседната барака
-
Автоматски пушки и муниција пронајдени во селото Грешница, поведена истрага
-
Суд во САД: Свршеничкиот прстен му припаѓа на давателот по раскин на веридбата, без оглед чија е вината