Балкан
19. October 2016 - 10:06

Над десет милиони евра за 45 проекти за прекугранична соработка со Бугарија

Заменик министерoт за локална самоуправа Љупчо Пренџов и бугарската заменичка министерка за регионален развој и јавни работи Деница Николова, денеска во Софија ќе ги врачат договорите за финансирање на 45 проекти од првиот јавен повик за проекти за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија.

Како што соопшти Министерство за локална самоуправа, средствата во износ од 10,5 милиони евра се обезбедени од ИПА Програмата на  Европската Унија за прекугранична соработка, а кофинансирањето за проектите од македонска страна го обезбедува Министерството за локална самоуправа, во висина од 15 насто.

Во првиот програмски период програмата за прекугранична соработка меѓу двете земји има имплементација на околу 90 насто од расположливите средства и склучени договори за реализација на 100 проекти.

Одобрените 45 проекти се од области за приспособување кон климатските промени, поттикнување на развојот на туризмот, на културното и природното наследство, подобрување на конкурентноста, бизнис средината и развојот на мали и средни претпријатија, трговија и инвестиции, како и социјална инклузија, се наведува во соопштението на Министерството.

За вториот ИПА програмски период, за реализација на Програмата за прекугранична соработка со Бугарија до 2020 година, од страна на ЕУ на располагање се ставени вкупно 20 милиони евра. Останатите средства ќе бидат реализирани во рамките на вториот јавен повик на кој, како и на првиот, ќе можат да учествуваат општини, установи, организации, асоцијации, универзитети и други непрофитни субјекти од Североисточниот, Источниот и од Југоисточниот плански регион од Македонија, во соработка со партнери од регионот на Благоевград и Ќустендил, во Бугарија.